„Целта на бугарските политичари во ништо не се разликува од онаа цел што ја има руското раководство во Украина, а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг кој навистина најмалку треба да се случува во 21 век во Европа и тоа од земја членка на ЕУ“, изјави премиерот за последните случувања на релација Скопје-Софија
Не очекувам нашиот источен сосед да испрати поинаква порака, оти тие мора пред нашите партнери од Европа и НАТО да рефлектираат реторика со која ќе не обвинуваат нас, а во суштина и светот и Европа видоа која беше целта на бугарските политичари – рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Охрид. Одговорот на премиерот доаѓа по реакциите на бугарскиот премиер Росен Жељазков и бугарското министерство за надворешни работи кои побараа од Мицкоски да се извини за неговата изјава со „лавот и глушецот“, која тој пред неколку дена ја даде како метафора за однесувањето на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев со него.

„Целта на бугарските политичари во ништо не се разликува од онаа цел што ја има руското раководство во Украина, а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг кој навистина најмалку треба да се случува во 21 век во Европа и тоа од земја членка на ЕУ која треба да споделува европски вредности“,
рече Мицкоски.
Дополнително, вели Мицкоски, наместо тие да и подадат рака на Македонија и наместо да ја поддржуваат земјава на патот кон полноправно членство во унијата, што е и дел од Договорот за добрососедство, Бугарија има поинаква цел и дека е добро што сите успеале да ја видат.
„Добро е што сите сега веќе знаат која е крајната цел – дека не е неколку стотини македонски граѓани да бидат дел од Уставот, туку дека целта е многу подлабока и поопасна и за Европа. На тој начин и ЕУ губи дел од својот имиџ и не знам до кога ќе има трпение со нашиот источен сосед“,
кажа премиерот.
Вчера, бугарскиот премиер Росен Жељазков го повика својот македонски колега Христијан Мицкоски да најде начин и да ѝ се извини на Бугарија за изјавата со „лавот и глушецот“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини бидејќи кога шеф на влада упатува такви навреди кон член на странска влада тоа ги нарушува добрососедските односи и довербата, која е многу кревка во овие времиња“,
изјави вчера Желазков.
Жељазков додаде дека Бугарија ќе продолжи непоколебливо да го поддржува европскиот пат на С Македонија врз основа на спроведувањето на обврските од 2022 година и договорот за добрососедство.
Претходно вчера осуда за изјавата на Мицкоски стигна и од Министерството за надворешни работи на Бугарија.