Владејачката партија оцени дека некогашниот голем СДСМ заедно со соседна Бугарија се свел на ниво да биде гумата за спасување на кариерата на Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ во оваа смисла алудира на изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој застана во одбрана на Арсовска, велејќи дека нападот врз неа е напад на бугарски државјанин
Само СДСМ и бугарските политичари се во одбрана на Данела Арсовска – велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на обвинувањата на СДСМ во врска со вчерашниот напад на скопската градоначалничка Данела Арсовска, за кој, како што велат од опозициската партија, не било постапено од страна на МВР и министерот Панче Тошковски.

„Вчерашниот инцидент во кој беше нападната градоначалничката на Скопје го потврди она што како партија го говоревме со месеци. Ова е длабоко криминализирана и авторитарна власт, која не бира средства за да го заштити криминалот и заплаши оние кои сакаат да го откријат. Инцидентот и срамното непостапување на МВР и Тошковски беше порака до секој што ќе се осмели да зборува за криминал, да покаже злоупотреби и да посочи корупција. Порака дека ќе биде нападнат, натепан и замолчен“,
изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Коментирјаќи ја ваквата изјава, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека некогашниот голем СДСМ заедно со соседна Бугарија се свел на ниво да биде гумата за спасување на кариерата на Арсовска. Владејачката партија во оваа смисла алудира на изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој застана во одбрана на Арсовска, велејќи дека нападот врз неа е уште еден напад на бугарски државјанин во Северна Македонија.
„СДС во точно три случаи се јавува во јавноста за Данела. Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека скопјани ја препознаваат вистината и знаат што стои во позадина.
На крајот на кусата реакција, владејачката партија повика на расветлување на вчерашниот инцидент во Чаир, како и на случајот со дивоградбите.
Повик за постапување во врска со случајот денеска од Охрид упати и премиерот Христијан Мицкоски.