Бугарскиот европратеник изјави дека е сериозно загрижен за она што ѝ се случило на скопската градоначалничка, за која рече дека е бугарска државјанка. Ја повика Амбасадата на Бугарија во Скопје да ѝ обезбеди правна, конзуларна и морална заштита
По изјавата на Ковачев, Арсовска вчеравечер го демантира бугарскиот европратеник и наведе дека нема бугарско државјанство
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во нападот на градоначалничката Данела Арсовска препозна напад на бугарски државјанин во С Македонија. Тој во објава на социјалните мрежи вчеравечер изјави дека е сериозно загрижен за она што во текот на денот ѝ се случило на скопската градоначалничка, за која рече дека е бугарска државјанка. Ја повика амбасадата на Бугарија во Скопје да ѝ обезбеди правна, конзуларна и морална заштита.

„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија! Уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски граѓани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се декларираат како Бугари“,
напиша Ковачев во објава на Фејсбук.
Тој оцени дека притисокот во земјава врз граѓаните што се декларираат како Бугари е толку голем што, како што вели, тие се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет.
„Сличен случај се случи и со министерката за енергетика Сања Божиновска, неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и луѓе од најтесниот семеен круг на сегашниот, претходниот и претходните премиери на земјата“,
додава европратеникот.
Во објавата на Фејсбук, бугарскиот европратеник додава дека Бугарија е должна да ги штити правата, безбедноста и достоинството на над 216 илјади бугарски државјани во Македонија, кои, како што вели, го докажале своето бугарско потекло и изјавиле дека се чувствуваат како етнички Бугари.
По изјавата на Ковачев, градоначалничката Данела Арсовска вчеравечер во интервју за „Тешки муабети“ на „Инфомакс“ го демантира бугарскиот европратеник и наведе дека нема бугарско државјанство.
„Јас од раѓање имам чешки пасош, мајка ми е Чехинка, имам македонски и чешки пасош, немам бугарско државјанство, ама еве и да имав, не треба да ме заштитат? МВР е должно да ги штити сите на територијата на Град Скопје, дури и да се бугарски државјани, а јас не сум бугарски државјанин“,
изјави Арсовска за „Инфомакс“.
Наводите дека Данела Арсовска има бугарско државјанство ги изнесе СДСМ уште во кампањата за локалните избори во 2021 година. ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа Арсовска на минатите локални избори, ги демантираше наводите на СДСМ. Арсовска уште тогаш најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ за наводите дека поседува бугарско државјанство и лична карта, но тоа никогаш не го стори.