Адвокатот на Нино Васев, Никола Ставрев до Судот достави дополнителен доказ, со кој, како што наведе, се докажува дека лицето Маја Радник нема статус на лице судски вештак во Словенија. Смета дека доказите обезбедени од Обвинителството што се однесуваат на вештачењето од Словенија треба да бидат издвоени и да не бидат ценети во постапката
Судскиот процес против четворица лекари онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за несовесно лекување на пациенти, во предметот „Онкологија“ се одложи за 5 септември поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска на обвинителната клупа седна првообвинетиот Никола Васев и двајца обвинети онколози, Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски, додека обвинетата Мери Пешевска поради влошена здравствена состојба не дојде на рочиштето.
Одбраната пред почетокот на денешното рочиште достави дополнение на докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството.
Адвокатот на Нино Васев, Никола Ставрев до Судот достави дополнителен доказ, со кој, како што наведе, се докажува дека лицето Маја Радник, нема статус на лице судски вештак во Словенија. Смета дека доказите обезбедени од Обвинителството што се однесуваат на вештачењето од Словенија треба да бидат издвоени и да не бидат ценети во постапката.
Јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, пак, рече дека обвинителниот акт ја поминал процедурата за оцена и нејасно е зошто ова не било акцентирано во тој дел.
„Во конкретниот случај е обезбедена замолница до Србија и Словенија со што е обезбедена законитост во доказите. Не се спори содржината на вештачењата, туку процедурата. Сметам дека ваквите наводи на одбраната се беспредметни, дотолку што се поминати во фаза на оцена на обвинителски акт“,
кажа таа.
Судијката Снежана Марковска, која го води овој случај, го прифати барањето за одлагање на денешното рочиште поради отсуство на второобвинетата, а со цел, како што посочи, и Судот да се запознае со барањата на одбраната за отфрлање на дел од доказите прибавени од Обвинителството.
Според обвинението, првообвинетиот Васев, како директор на Клиниката во соизвршителство со друг лекар на истиот оддел се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Другите двајца лекари се товарат за кривично дело – несовесно лекување болни, сторено како продолжено кривично дело.
Основното јавно обвинителство Скопје на 22 мај соопшти дека е завршена истрагата за предметот „Онкологија“ и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе две обвиненија.
Првото обвинение, како што посочија тие, се однесува на економското работење на клиниката и опфаќа две лица. Првиот обвинет во својство на службено лице – медицински директор и вториот обвинет во својство на организациски директор на Клиниката, се обвинети за продолжени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози. Првиот обвинет е исто така поранешниот директор на Клиниката, кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело несовесно лекување болни, и тоа сторено како продолжено дело, како повеќевременски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.