Мицкоски соопшти дека вчера во справувањето со пожарите биле вклучени девет од специјалните армиски возила кои беа преадаптирани, а истуриле 300 тони вода

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека постојат докази и приведени лица за подметнување на пожарите, особено во Скопје, опишувајќи ги како „координирана и добро осмислена акција“.
Тој вели дека состојбата по вчерашните бројни пожари е под контрола и ги отфрли обвинувањата од опозицијата за неажурност.
„Не само што се сомневаме, туку имаме и докази, приведени лица посебно на територијата на Скопје, затоа што од тоа што го најдовме кај последниот пожар што се случи вчера навечер после девет часот во близина на Смилковско езеро, но и три лица што потоа беа обезбедени, укажува дека постои основано сомнение за координирана и добро осмислена акција особено во Скопје“,
рече Мицкоски по присуството на настан по повод 80 години од основањето на Црвениот крст.
Премиерот изрази задоволство што и покрај исклучително тешките услови – температури меѓу 35 и 40 степени, проследени со силен ветер кој на моменти бил и со брзина од над 100 километри на час – успеале да ја стават состојбата под контрола за 24 часа.
Утрово рече дека добил информација оти активен е само пожарот во Дојран, во планинскиот предел, без опасност за населените места, и дека е под контрола.
Мицкоски соопшти дека вчера во справувањето со пожарите биле вклучени девет од специјалните армиски возила кои беа преадаптирани и тоа девет „пинцгауер“, еден „хермелин“ и два „БТР 80“, а истуриле 300 тони вода.
Ова, како што рече, е еквивалентно на 75 прелети со полициските и армиските хеликоптери. Тој најави дека деновиве, по техничкиот прием, ќе бидат вклучени сите преадаптирани возила, што драматично ќе ја подобри расположливата механизација за справување со вакви природни непогоди.
На прашањето како ги коментира обвинувањата на опозицијата за неажурност, Мицкоски рече дека најмалку кредибилитет да зборува има опозицијата и „оние политички лешинари кои орбитрираат во периметар околу“.
Во врска со најавите за ангажман на кадар за справување со пожарите и предвидената сума од 20 илјади денари што ќе ја добиваат, Мицкоски најави дека лицата кои ќе се пријават на огласот за ангажман во летниот период, ќе ја поминат обуката и потоа ќе преминат во следната фаза во институцијата што ќе се основа со реформирањето на системот за справување со кризи.
„Обезбедивме финансиски надомест за луѓе кои ќе бидат регрутирани, тоа е во првата фаза, по поминување на обука, ќе одат чекор понатаму“,
рече Мицкоски.
Тој објасни дека се планираат реформи на системот за справување со кризи со обединување на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). По завршување на локалните избори, овој нов систем ќе биде функционален и оперативен.
„Ги повикувам и сите млади кои сакаат да се вклучат во иднина во таа нова институција се добредојдени“,
додаде премиерот.