Синдикатите најавуваат, ако не се преземат понатамошни чекори за решавање на долгогодишните проблеми со кои се соочуваат овие вработени од страна на надлежните институции, ќе се пристапи кон прекин на работниот процес

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Синдикалната организација при Агенцијата за администрација бараат зголемување за 30 проценти на платите на вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенцијата за администрација, во спротивно најавуваат дека ќе има прекин на работниот процес.
Според синдикатите, осумдесет проценти од вработените во Агенцијата за администрација имаат плата пониска од просечната плата во државата.
Синдикатите изразуваат загриженост за состојбата во која се наоѓаат вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување, за кои истакнуваат дека со години наназад секојдневно се соочуваат со институционални, административни, политички, јавни и психолошки притисоци.
„Токму овие вработени ги спроведуваат постапките за вработување во јавниот сектор. Одговорноста при извршувањето на работните задачи во услови на притисоци и кратки рокови, која ја имаат овие вработени, е огромна, особено имајќи го предвид фактот дека заклучно со 09.07.2025 година, бројот на објавени огласи за вработување на административни службеници изнесува 730, а голем број од овие јавни огласи се објавени за повеќе работни места, односно извршители. Ова е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација, видно од годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација, објавени на нејзината веб-страница“,
велат од УПОЗ.
Синдикатите додаваат дека и годинава, како и со години наназад пред распишување на избори, вработените од Секторот за селекција во Агенцијата за администрација работат под исклучително голем притисок, кој произлегува од спроведувањето на постапките во многу кратки рокови, што директно влијае на нивното ментално и физичко здравје, како и попречување на нивното нормално функционирање надвор од работното време.
Поразителен е фактот, стои во информацијата, дека речиси 80 проценти од вработените во Агенцијата за администрација имаат пониска плата од просечната плата во државата, како и фактот дека одливот на вработени се зголемува секоја година, а за разлика од другите институции, во Агенцијата за администрација не се одобруваат средства за унапредувања и нови вработувања, а вработените во неа се потценети и преоптоварени, исцрпени, со преголем обем на работа.
„Доколку најитно не се преземат понатамошни чекори за решавање на долгогодишните проблеми со кои се соочуваат вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенцијата за администрација, од страна на надлежните институции, ќе се пристапи кон прекин на работниот процес во знак на протест заради немање на слух за решавање на нивниот долгогодишен проблем, односно зголемување на платите на овие вработени за најмалку 30 проценти“,
соопшти Синдикатот на УПОЗ.