„Ѓорѓиевски е еден од најквалитетните градоначалници во Македонија. Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, рече претседателот на ЗНАМ
Градоначалникот на Куманово и претседател на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, ја поддржа одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да го кандидира Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори. Тој на денешната прес-конференција рече дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода, е еден од најквалитетните градоначалници во Македонија и дека неговата кандидатура за Скопје е апсолутно прифатлива.

Димитриевски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да го номинира Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје е прифатлива за ЗНАМ.
„Колегата Ѓорѓиевски е еден од најквалитетните градоначалници, мои колеги, во Македонија. Апсолутно е прифатлива. Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека истиот ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“,
рече Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ изјави и дека неговата партија е во финални преговори со коалициските партнери, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на изборите наесен. Рече дека во редовите на ЗНАМ има голем број кандидати кои уживаат личен авторитет од јавноста, професионално докажани луѓе кои сакаат да понудат алтернативи и решенија со цел да се решат големите локални проблеми на граѓаните.
„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат предложени и поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во Владата со заемна поддршка на кандидатите. Во кои општини ќе биде тоа – ќе соопштиме во следниот период по завршување на преговорите. Очекувам дека ЗНАМ ќе има поголем број на кандидати на територија на целата држава, не само во општини како Куманово и Центар“,
додаде тој.
Димитриевски рече дека сега следува постапка за евидентирање и кандидирање на кандидатите за градоначалници и на листите за советници, каде што ЗНАМ ќе настапи самостојно.