Според соопштението на Комисијата, инцидентот се случил на состанокот на Европскиот совет на 19 декември 2024 година, на кој присуствувал и Зеленски. Преведувачот, спротивно на правилата, водел писмени белешки за време на затворена седница на која се дискутирале чувствителни теми како што се одбраната и безбедноста
Европската комисија суспендираше преведувач ангажиран за големи меѓународни самити откако се појави загриженост за можно нарушување на безбедноста за време на една средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави „Политико“.

Според соопштението на Комисијата, инцидентот се случил на состанокот на Европскиот совет на 19 декември 2024 година, на кој присуствувал и Зеленски. Преведувачот, спротивно на правилата, водел писмени белешки за време на затворена седница на која се дискутирале чувствителни теми како што се одбраната и безбедноста.
„Белешките беа веднаш запленети. По внимателна анализа на фактите, презедовме соодветни мерки за да спречиме повторување на овој инцидент. Во конкретниот случај, беше одлучено дека услугите на овој преведувач повеќе нема да се користат“,
соопштија од ЕК.
Според францускиот весник „Ле Монд“, кој прв објави за случајот, преведувачот бил фриленсер од француско-украинско потекло, ангажиран да помогне во комуникацијата со украинскиот претседател за време на состанокот на високо ниво.
Според извештаите, случајот сега е предаден на белгиските власти. Тие сè уште не дале коментар за истрагата, ниту излегле со дополнителни информации.
Брисел се справува со низа случаи поврзани со шпионажа во последните години. Во ноември минатата година, „Политико“ дошол до меморандум испратен до вработените во Европската комисија во кој се предупредувало за вистинска закана од странски агенти.
„Брисел е еден од најголемите шпионски центри во светот, со неколку стотици активни разузнавачки агенти кои ги таргетираат нашите институции“,
стоело во меморандумот.
Минатата година, Европскиот парламент ја санкционираше поранешната латвиска европратеничка Татјана Жданока откако медиумските извештаи открија дека таа наводно соработувала со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), наследникот на советскиот КГБ. Откритијата дополнително ги разгореа стравувањата од руско влијание и шпионски операции во институциите на ЕУ.