Четири свидетелства за ученици кои семејно се иселиле во Шведска и во Австралија се поништени, а директорката на училиштето и 20 наставници добиле кривични пријави
Родители чии деца се ученици во ова училиште имаат дилеми дали наставници со кривични пријави можат да формираат крајни оценки на истекот на учебната година, но од просветниот инспекторат велат дека работата на наставниците засега не е доведена во прашање
За четворица ученици од основното училиште „Кузман Шапкарев“ во скопската населба Драчево се изготвени лажни свидетелства за учебната 2018-2019 година. Учениците заминале во странство, наставниците не ги евидентирале нивните отсуства, а добиле и фиктивни оценки по предметите во таа учебна година.
Станува збор за деца од две семејства, двајца браќа и две сестри во различни одделенија, кои се иселиле од земјата, а кои, според Државниот просветен инспекторат, противзаконски биле заведени како дел од редовните одделенија. Пријавата во Инспекторатот стигнала од револтиран наставник кому не му било сеедно да напише оценка на ученици што подолг период не присуствувале на настава.
„Испративме инспектори да проверат дали навистина сe изготвиле свидетелства, направен е увид во педагошката евиденција, во целата документација, земавме изјави од сите наставници кои имаат предмети во тие одделенија. Дел од наставниците изјавија дека тоа го сториле под притисок на директорката, а кои биле нејзините мотиви треба да покаже истрагата. Многу луѓе ја злоупотребиле својата положба. Инспекторатот изготви решение свидетелствата да се поништат, а за случајот поднесовме известување до надлежното министерство“,
вели директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спирковски.
Во меѓувреме, директорката сама се повлекла од позицијата. Таа за „360 степени“ вели дека тоа е нејзин морален чин со цел останатите наставници да не трпат последици. Признава дека учениците подолг период отсуствувале од наставата, но убедена е дека тоа што им се издале свидетелства и не е толку „страшно“.
„Не беа сигурни дали ќе останат во странство или ќе се вратат. Им го признавме максималниот број на денови за отсуство и тоа го надминаа само за седум дена. Една недела плус од законски дозволеното беа отсутни таа учебна година. Со оглед на тоа што се работеше за одлични ученици, навистина беа ‘вундеркинд’, колективот даде зелено светло затоа што навистина се работеше за деца со капацитет. Без разлика што беа отсутни подолго време од дозволеното, сметавме дека е жално вакви ученици да ја изгубат годината“,
вели екс-директорка, која негира дека имало притисоци врз наставниците.
Таа обвинува за политичка хајка врз неа, со цел да го напушти директорското место, а вели и дека образовниот систем трпи многу поголеми злоупотреби, за разлика од овој, кој според неа, е минорен.
Од МВР минатата недела соопштија дека од Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесена е кривична пријава против директорката на училиштето и 20 наставници. Сите се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување” и „фалсификување исправа”. Според МВР, директорката ги поттикнала наставниците и одделенските раководители да не ги запишуваат учениците како отусутни од настава, а на одржаните наставнички совети да изгласаат нивно оценување врз основа на што била изготвена целокупна педагошка евиденција со невистинита содржина.
Пријавата се уште „патува“ кон јавното обвинителството. Од Основното јавно обвинителство – Скопје за „360 степени“ велат дека по приемот на пријавата, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги направи сите проверки согласно Законот за кривична постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Освен директорката сите останати наставници се уште предаваат во училиштето. Дел од родителите чии деца се ученици во ова училиште имаат дилеми дали наставници кои се под истрага ќе можат да формираат крајни оценки на истекот на учебната година и дали можеби ќе има застој во издавањето сведителства.
Според Инспекторатот, работата на наставниците во овој момент не е доведена во прашање. Објаснуваат дека за наставниците има пријава за конкретните четири фиктивни свидетелства, додека целокупната работа на училиштето не е доведена во прашање. Ова значи дека за останатите запишани ученици, инспекторите не констатирале никакви неправилности, па оттаму засега нема основа за суспендирање на наставниците.
Од Инспекторатот велат дека се работи за карактеристичен случај, невообичаен за основно училиште. Многу повеќе проблеми се јавуваат во работењето во средни училишта, но уверуваат дека секаде каде што Инспекторатот доаѓа до конкретни докази – постапува.