Шефот на локалната противпожарната служба, полковник Мишел Кајла, рече дека никогаш во својата кариера не видел нешто слично. Тој изјави дека жртвата, која доживеала срцев удар, морала да биде реанимирана во амбулантно возило

Во необичен напад на пчели што се случи во неделата наутро во францускиот град Оријак беа повредени 24 лица, од кои тројца се во критична состојба, соопштија локалните власти.
Нападот се случил во центарот на градот и траел околу половина час. Голем број пчели нападнале случајни минувачи. Според префектурата на департманот Кантал, службите за итни случаи, пожарникарите и медицинските екипи брзо пристигнале на местото на настанот за да им помогнат на повредените, додека полицијата го обезбедувала подрачјето и поставила безбедносен кордон сè додека пчелите не престанале со своето агресивно однесување.
Тројцата најтешко повредени лица биле однесени во локалната болница. Градоначалникот на Оријак, Пјер Матоние, за БФМ ТВ изјави дека нивната состојба се подобрува. Еден од повредените, 78-годишен маж, доживеал срцев и респираторен застој и бил реанимиран, но сега е во стабилна состојба. Другите двајца, рече градоначалникот, се во добра здравствена состојба.
Градоначалникот Матоние додаде дека нападот можеби бил предизвикан од конфликт меѓу азиски стршлени и кошница што била поставена на терасата на хотел во центарот на градот пред повеќе од една деценија. Тој додаде дека таквото нарушување можеби предизвикало пчелите ненадејно да нападнат.
Кошницата оттогаш е отстранета од пчеларот кој бил задолжен за неа и е преместена надвор од градот, потврди градоначалникот.
🐝⚡ Attaque d’abeilles à d’Aurillac : 24 blessés et une enquête ouverte
— Le20h-France Télévisions (@le20hfrancetele) July 7, 2025
En attendant, le procureur a demandé le déplacement des ruches et l’euthanasie des 70 000 abeilles agressives. #JT20h pic.twitter.com/ylc60usUy7
Шефот на локалната противпожарната служба, полковник Мишел Кајла, рече дека никогаш во својата кариера не видел нешто слично. Тој изјави дека жртвата, која доживеала срцев удар, морала да биде реанимирана во амбулантно возило.
„Бројот на повредени, паниката меѓу луѓето и сериозноста на повредите, тоа беше навистина ужасна сцена“,
изјави тој за телевизијата ТФ1.
Вакви напади од пчелни роеви се пријавени во последниве години во различни делови од светот, вклучувајќи ги Франција, САД и Бразил, и често се предизвикани од стресни услови во животната средина или присуство на инвазивни видови како што се азиските стршлени.
Ваквите инциденти резултираа со многубројни повреди, хоспитализации, па дури и смртни случаи. Експертите ја поврзуваат зголемената агресивност на роевите со уништувањето на природните живеалишта, климатските промени и природното одбранбено однесување на пчелите кога се чувствуваат загрозени.
Во такви ситуации, властите обично реагираат со изолирање на засегнатото подрачје, отстранување на кошниците и издавање безбедносни предупредувања до граѓаните за да се спречат нови жртви.
Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на САД, во периодот помеѓу 2011 и 2021 година, во САД имало 788 смртни случаи поврзани со убоди од пчели, оси и стршлени, што е просек од околу 72 смртни случаи годишно. Околу 84 проценти од овие жртви биле мажи.