Според МВР, и покрај тешките услови – непристапниот терен и непрегледност поради чад – хеликоптерот „бел-412“ утринава исфрлил над 45 тони вода како поддршка на екипите на терен кои и понатаму водат битка со огнената стихија
Полициски хеликоптер утрово продолжи со интервенција врз пожарот меѓу селата Блаце и Чучер во скопската општина Чучер-Сандево, кој синоќа достигна критични размери поради што беше прогласена вонредна состојба на ниво на општина.
Екипа на „360 степени“ направи видео-снимка од дејствувањето на хеликиптерот на Министерството за внатрешни работи (МВР) врз една од точките на пожарот.
На снимката се гледа како леталото опремено со ведро прецизно истура вода врз дел од шумскиот предел од кој се издига чад.
Од Министрството за внатрешни работи утрово информираа дека во гаснењето на пожарот е вклучен хеликоптер од типот „бел-412“ како поддршка на екипите на терен и кој досега исфрлил над 45 тони вода.
„И покрај тешките услови за гаснење – непристапен терен и непрегледност поради чад полицискиот хеликоптер исфли над 45 тони вода во подршка на екипите на терен за ставање под контрола на пожарот“,
велат од МВР.

Пожарот кој беснее на територијата на Општина Чучер-Сандево, и покрај интензивните воздушни интервенции не е локализиран и сè уште трае битката на надлежните за негово ставање под контрола.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), синоќа информираа дека нов пожар е регистриран во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во непосредна близина на куќи.



Во справувањето со огнената стихија се вклучени сите сите расположливи сили и средства – општински служби, физички и правни лица, како и екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР и ЦУК.
Градоначалникот на општина Чучер-Сандево, Сашко Комненовиќ вчера вечер соопшти дека на ниво на општината е прогласена вонредна состојба бидејќи како што кажа ситуацијата со пожарот е сè уште сериозна и загрижувачка.
Тој реагираше на бавна реакција на надлежните институции за гаснење на пожарот, наведувајќи дека во справувањето со стихијата не биле употребени „хермелините“ што Владата и Дирекцијата заштита и спасување ги презентираа во неделата, како дел од републичката противпожарна единица.
Градоначалникот апелираше на итна мобилизација и најави дека ќе испрати писма до надлежните институции, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, како и до невладините организации и до сите други активно да се вклучат во гасењето.