СДСМ посочува дека Владата имала цела година да набави опрема, да вработи пожарникари и да го подготви системот, но наместо тоа, не набавила нови возила, не ги сервисирала постоечките и не обезбедила навремен кадар

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвинува Владата за катастрофална неподготвеност и импровизација во справувањето со шумските пожари, оставајќи ги граѓаните сами да се борат со огнената стихија. Само еден ден по завршувањето на, како што велат од партијата, пи-ар активностите и сликањето со импровизираните „хермелини“, реалноста ги погоди премиерот Мицкоски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, минатата година изгореле речиси 10 отсто од територијата на државата, а вината тогаш била префрлена на претходната влада.
Од СДСМ нагласуваат дека за време на нивниот седумгодишен мандат изгорела многу помалку шума отколку за само една година под власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветуваа дека ова лето ќе бидат подготвени, а денес ја гледаме истата неспособност, истата незаинтересираност и истата импровизација“,
се додава во соопштението.
СДСМ посочува дека Владата имала цела година да набави опрема, да вработи пожарникари и да го подготви системот, но наместо тоа, не набавила нови возила, не ги сервисирала постоечките и не обезбедила навремен кадар. Како замена за модерни возила, се адаптираат стари армиски „хермелини“ кои не можат да пристапат на тежок терен.
„Само лани Владата набавила возила за функционерите и администрацијата од неколку милиони евра“,
велат од СДСМ.
Наместо да вработат обучени пожарникари со достоинствени плати, од партијата велат дека Владата дури сега, во средината на летото, нуди сезонска работа за 24 000 денари, што СДСМ ја нарекува „импровизација која може да биде и опасна за луѓето“.
„Владата имаше пари за службени возила за администрацијата, за советници со плати од 100 000 денари, ама за противпожарните бригади не“,
велат од СДСМ.
Партијата нагласува „оваа неспособност има висока цена што ја плаќаат сите граѓани – горат шуми, се уништува имот и загрозени се животи’.
Од партијата, на крајот од соопштението, го прашуваат премиерот Мицкоски кој е оваа година крив за пожарите и дали е тоа повторно СДСМ.
Вчера и градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ рече дека е забележана бавна реакција на надлежните институции за справување и за гасење на пожарот што веќе трет ден е активен.