За каква материја на коловозот станува збор, од Јавното претпријатие „Македонија пат“ со сигурност не можеа да кажат. Поради непријатниот мирис, претпоставките се дека се работи за арско ѓубриво кое истекло од цистерна која превезувала ваков вид материја
Исчистени се отпадоците што утрово беа расфрлени на автопатот Катланово кон Велес, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) откако „360 степени“ објави дека коловозот на овој потег е покриен со материја што наликува на земја и има непријатна миризба.

„Отпадоците се санирани од страна на надлежните екипи за одржување нормален коловоз и негова непречена проодност. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот“,
се вели во одговорот од МВР на нашето прашање дали се известени за случајот и дали преземаат некакви мерки.
Од фотографиите што утрово беа испратени до редакцијата на „360 степени“, се гледа дека коловозот на автопатот од Катланово кон Велес е покриен со некаква материја налик на земја.
Нашите читатели што ни ги испратија фотографиите посочија дека од расфрлената „земја“ се шири и непријатна миризба.
Од Диспечерскиот информативен центар на ЈП „Македонија пат“ изјавија дека по известување за случајот нивни екипи се на терен и работат на расчистување на коловозот, на кој била истурена некаква материја со непријатен мирис во должина од 100 до 150 метри.
За каква материја на коловозот станува збор, од Јавното претпријатие со сигурност не можеа да кажат.
Поради непријатниот мирис, претпоставките се дека се работи за арско ѓубриво кое истекло од цистерна која превезувала ваков вид материја.
Од кое возило и кога точно е направено ова, велат дека не знаат.