„Во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиники или сервиси, бидејќи е прва фаза и не сме сигурни дека доставените информации се точни. Ќе ни оставите една-две недели додека добиеме попрецизни информации“,
Вкупно 39 граѓани пријавиле со кои проблеми се соочиле при остварување на здравствена услуга во некоја од здравствени установи низ државата, информира денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Како што соопшти министерот на денешната прес-конференција по повод еден месец од преземање на функцијата, граѓаните се жалеле на недоволно дадени здравствени услуги, непрофесионално однесување, игнорирање пациенти и мито.

„Поставиле прашања 39 лица. Ги имаат наведено и здравствените институции во кои со соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која ќе се занимава со овие прашања. Со споменатите институции ќе имаме состанок, но во моментов нема да обелоденам кои се тие“,
рече министерот.
Најави дека ако има елементи за понатамошно процесирање, ќе ги пријават случаите.
„Во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиники или сервиси, бидејќи е прва фаза и не сме сигурни дека доставените информации се точни. Ќе ни оставите една-две недели додека добиеме попрецизни информации“,
кажа тој.
Според него, кога ја почнале оваа процедура, креирале и методологија.
„Веројатно на секоја прес-конференција ќе имаме одговори за граѓаните и новинарите до каде се пријавите и како ќе ги процесираме“,
рече Алиу.
Инаку, министерот минатата недела имаше отворен кабинет за граѓаните кога, како што додаде, слушнал добри идеи, но некои му се пожалиле и дека не добиле здравствени услуги.