Критикувајќи ја актуелната влада, потпретседателот на ДУИ вели дека таа се однесува како слон во продавница за порцелан и им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи

Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, остро ја критикува одлуката во октомври да нема предвремени парламентарни избори, туку само локални и ја оценува како политиканство што ја парализира државата.
Според него, македонската политичка сцена веќе 20 години е заробена во перманентни изборни процеси, кои многу малку им оставаат простор на властите да спроведуваат суштински реформи.
„Тоа не е државничко однесување, тоа е политикантство на сметка на партиските интереси, не на државните интереси. Замислете каков златен период би имале ако првпат во последните 20 години имаме четири години без ниедни избори“,
вели Османи додавајќи дека ДУИ до последниот можен рок ќе се бори со аргументи за да докаже дека најдобро е со локалните избори да има и предвремени парламентарни.
Ако партијата на која ѝ припаѓа оствари убедлива победа на локалните избори, Османи вели дека секако ќе бараат предвремени парламентарни напролет следната година.
„Да, се разбира. Видете, сега земјата е блокирана. И, ако ние влеземе пак во изборни процеси на секои шест месеци, повторно нема да излеземе од вителот во кој сме влезени. Така што, треба да има парламентарни избори“,
рече Османи во интервјуто.
Критикувајќи ја актуелната влада, која вели дека се однесува како слон во продавница за порцелан, Османи оценува дека таа им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи.
Во интервјуто тој вели ДУИ ќе се држи до трите клучни принципи како услов за учество во секоја идна владина коалиција: гарантирана европска перспектива, обновување на почетната рамка на Охридскиот договор и ветинг‑процес во јавниот сектор.
Османи смета дека токму активностите на ДУИ придонеле земјата да стане членка на НАТО и дека со ист успех може да ги одблокираат пристапните преговори за Европската Унија.
„Еве, со НАТО покажавме дека имаме сила. Направивме чекори коишто едноставно процесот го доведоа до таму земјата да биде членка на НАТО. Се разбира дека ако очекувате еден магичен момент којшто доведе до тоа – нема, но ако направите збир на чекори коишто ДУИ ги правеше за да ја држи темата постојано активна, за да ги држи комуникациите, да го зголеми притисокот – така ќе биде и со ЕУ“,
додава Османи.