Топлотниот бран што ја зафати земјава, според УХМР, ќе трае до средината на наредната седмица. Намалување на температурите се очекува од среда кога ќе дува засилен северен ветер

Сончево и многу топло време е прогнозата за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во текот на денот ќе има мала до умерена облачност, а ќе дува и слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Температурата во текот на денот ќе биде од 30 до 41 Целзиусов степен.
И во Скопје денеска се очекува сончево и многу топло време со слаб до умерен јужен ветер. Дневната температура ќе се искачи до 41 степен.
За утре во текот на денот синоптичарите најавуваат сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а ќе дува и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Во Скопје утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Температурата и утре се очекува да се искачи до 40 степен.
Топлотниот бран што ја зафати земјава, според УХМР, ќе трае до средината на наредната седмица. Намалување на температурите се очекува од среда кога ќе дува засилен северен ветер.
Поради високите температури од вчера има препораки за заштита на населението, а активирана е фазата 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови.
Во текот на овие денови Владата препорача ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, што не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија), одложување на работниот процес од 11 до 17 часот за работници изложени на директна топлина, работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо, обезбедување микроклиматски услови за работа од страна на работодавачите согласно акцискиот план односно простории со температура до 25 степени Целзиусови, освен таму каде природата на работниот процес налага поинаку.
Владините препораки ќе траат до 8 јули.