Освен обвинителен акт, Обвинителството до скопскиот Кривичен суд доставил и посебен предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен акт против две лица за кривични дела поврзани со корупција. Станува збор за поранешниот в.д. директор на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, Мухсин Арифи, и неговиот посредник.
Како што информираат од ОЈО ГОКК, првообвинетиот, директор на Геријатрија, сторил кривично дело примање поткуп, а второобвинетиот се товари за примање награда за противзаконито влијание.
Од ОЈО ГОКК во описот велат дека првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за со искористување на своето реално влијание да интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20 000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата.
Освен обвинителен акт, Обвинителството до скопскиот Кривичен суд доставил и посебен предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.
Инаку, директортот на Геријатрија и уште едно друго лице беа приведени на 8 април поради сомнение за примање поткуп во износ од 20 илјади евра.
Наредниот ден Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и им определи 30-дневен притвор.