Платформата им овозможува на младите да се натпреваруваат, но и на институциите да го унапредат квалитетот на стручното образование преку размена на искуства, политики и практики

Ученици од средните стручни училишта во земјава ќе имаат можност да учествуваат на престижниот европски натпревар за вештини „Euro Skills“, откако земјава стана 34 членка на најголемата европска платформа за извонредност во вештини и стручно образование – „World Skills Europe“.
Формално, ратификацијата на нашето членство ќе се случи во септември, во Хернинг, Данска, а првите македонски претставници се очекуваат во 2027, на натпреварот во Диселдорф, Германија.
По претходна селекција на домашен терен, Северна Македонија цели на првиот настап на европска сцена да испрати барем тројца кандидати, во три различни категории.
„Наша задача е иформирање на база на вешини, преку одредување на приоритети за нашата држава и квалификации кои се неопходни за нашата економија. Овој процес бара и финансирање, кое не е едноставна работа, особено за држава како нашата која е мала економија, но, се наоѓаме во пресвртница. Имаме финансиска поддршка од министерството, се надеваме и на европските фондови, ќе аплицираме како Центар со проекти и се надеваме дека ќе овозможиме нивото на World Skills Europe да се преточи во успешна македонска приказна“,
кажа Соња Славковиќ, претставник на Центарот за развој на стручно образование и иден технички делегат на WorldSkills Europe.
Мрежата „World Skills Europe“ е златен стандард во областа на стручното образование и вештини, кажа Нино Буиќ, кој е официјален делегат на Хрватска на WorldSkills Europe. Пренесувајќи ги искуствата на неговата земја, Буиќ посочи дека стручното образование немало добар имиџ во Хрватска, односно, перцепцијата била дека во стручните школи се запишуваат само оние кои не се примени во гимназија. Хрватските стручни училиштата пак, иако организирале интерни натпревари, не биле видливи, но тоа им било мотив за промена. И Хрватска организира национални натпревари, а најдобрите оттаму одат на докажување на европско тло.
„На националниот натпревар ‘World Skills Croatia’ во 2019, се претставиja 350 натпреварувачи во околу 40 вештини. На настанот, секоја дисциплина симулира работно опкружување. Секое училиште носи опрема која учениците ја презентираат, а во натпреварувачкиот дел се демонстрираат вештини во текот на тридневна работа“,
рече Буиќ и појасни дека натпреварите се доста посетени и служат и за промоција на стручните училишта.

Министерката Јанева: Средно стручно веќе не е алтернатива, туку избор
Платформата им овозможува на младите да се натпреваруваат на европски и светски нивоа, но и на институциите да го унапредат квалитетот на стручното образование преку размена на искуства, политики и практики.
Министерката за образование Весна Јаневска, вели дека дуалните паралелки и средното стручно образование во земјава бележат напредок. Од околу 16 500 уписи во средните училишта годинава, околу 12 000 ученици се одлучиле да продолжат во стручно училиште, а не во гимназија.
„Им честитам на сите новозапишани. На овие од стручно ќе им потенцирам дека државата од нив зависи… Целиме кон извонредност во средното стручно образование, кое повеќе не е алтернатива, туку прв избор меѓу младите. Донесовме нов Закон со кој го уредивме концептот на дуално образование, го зголемуваме бројот и ги јакнеме регионалните центри за средно стручно образование. Во соработка со коморите го зголемуваме бројот на компании вклучени во практичните обуки и воведуваме нови струки согласно потребите на стопанството. Обезбедивме буџет од 50 милиони денари за 1 570 стипендии по 3 500 денари, во период од 9 месеци, за учениците кои во новата учебна година ќе се запишат во дуални паралелки“,
рече министерката.

Настанот беше во коорганизација на Министерството за образование и наука, Центарот за развој на стручното образование, како и швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е“, кои долги години ги поддржуваат реформите во дуалното стручно средно образование.
„Тоа го правиме од три причини – прво, бидејќи во Швајцарија имаме одлично искуство каде приватниот сектор е силно посветен на стручно образование, затоа што за нив ова е начин да пристапат до млада и талентирана работна сила во чие образование тие сами придонесуваат. Втора причина е што Владата во Северна Македонија е навистина псоветена, а и приватниот сектор е посветен и заинтересиран да биде присутен и да учествува во стручното образование и обука. И трето, ова е многу важно за младите луѓе заради тоа што со вештините кои се бараат на пазарот на трудот ќе имаат можност за добро вработување“,
кажа амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман во изјава за медиумите.

„360 степени“ во 2022 проследи натпревар за вештини токму во Швајцарија. Таму, две третини од основците продолжуваат во дуално образование, што значи учење и работа во струка. Придобивките се повеќеслојни: учениците добиваат перспектива за работа, компаниите млад, квалификуван кадар, а државата има само 2,5 проценти младинска невработеност што го прави швајцарскиот модел пример од кој може да се учи.