Како што информира на Фејсбук бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија
На талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот за земјава во Европскиот парламент. Тоа дочекавме како народ во 21 век, изјави денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира најавите од Бугарија дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.

„Ние деновиве предупредивме дека ќе се случува ваков инженеринг. За нас е подеднакво лошо тоа што се брише од Извештајот ‘македонски идентитет’ и ‘македонски јазик’ исто како и да стоеше ‘модерен’, но она што е важно да се напомене е оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет и ќе остане во колективната меморија дека за првпат некогаш поминал македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на ЕУ – Брисел, во седиштето на европската демократија, во седиштето на ЕП“,
рече Мицкоски.
Според него, уште еднаш се покажало и докажало на јавна сцена дека не е само да се внесат неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека проблемот е многу подлабок.
„И сега сите тие што манипулираа во минатото, сите коишто нè убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници коишто доаѓаат и надвор од Македонија, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика. За жал, оние егзибиции кои седум години се случуваа кај нас, дома, тука, нè доведоа до една ваква ситуација да еве, гледате, би рекол, има еден збор да го употребам, но не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред, на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот во ЕП. Тоа дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“,
изјави премиерот.
Како што информира на Фејсбук бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова – се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.
Според него, темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 24 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.