Од Светската метеоролошка организација вчера рекоа дека луѓето ќе мора да научат да живеат со новата нормала на екстремни топлотни бранови кои ќе се случуваат почесто и ќе стануваат посурови со текот на времето

Париз, Рим, Берлин, Виена, Прага и Варшава и денеска продолжуваат да се соочуваат со топлото време, каде се очекуваат температури над 30 Целзиусови степени, пишува „Гардијан“.
Од Светската метеоролошка организација вчера рекоа дека луѓето ќе мора да научат да живеат со новата нормала на екстремни топлотни бранови кои ќе се случуваат почесто и ќе стануваат посурови со текот на времето.
Шефицата на Зелената транзиција за ЕУ, Тереса Рибера, вели дека ефектите на климатската криза стануваат сè поочигледни, но сè уште не се претвoраат во соодветна акција бидејќи одредени политички партии „продолжуваат да инсистираат, доста жестоко, дека климатските промени не постојат“, или велат дека „адаптирањето на реалната моменталната климатска состојба е прескапо“.
Дел од земјите веќе воведуваат одредени решенија, а едно од нив во Италија е воведувањето ограничување за работа на отворено.
Во Италија вчера, поради високите температури и зголемениот притисок врз мрежата, биле регистрирани прекини на струја во неколку градови.
Освен во Италија, според пишувањата на „Гардијан“, и Франција вчера се соочила со високи температури.
Според италијанското Министерство за еколошка промена, овој јуни бил вториот најтопол јуни од почетокот на мерењата во 1900 година, по оној во 2023.
До четврток врвот на Ајфеловата кула останува затворен бидејќи се очекува температурите во Париз повторно да бидат над 30 степени.
Француските медиуми пишуваат дека вчера имало 15 отсто повеќе пријави кон службите за итни случаи во регионот Ил де Франс. Пријавено било дека повеќе од 300 луѓе биле згрижени од медицински лица, а двајца починале, вклучувајќи и едно 10-годишно девојче со здравствени проблеми кое починало при посета на Версајската палата.
Две лица се починати и во Шпанија, во каталонската покраина Љеида. Лицата се починати во шумски пожар кој изгорел 6 500 хектари земја во североисточниот шпански регион и ги натерал властите да им наредат на 18 000 граѓани на областа да останат дома.
Во Германија, низ поголемиот дел од државата, денеска се очекува температурите да се искачат до 40 Целзиусови степени и се очекува да се урне рекордот на сите времиња за Германија од 41,2 степени, поставен во јули 2019 година.
Според германските медиуми, Здружението на градови побарало уште 5 милијарди евра годишно од покраините и федералната влада за справување со ефектот на сè почестите топлотни бранови.