Од вкупното намалување на населението, 3 132 лица се во градските средини, додека 1 008 лица се во руралните подрачја

Македонија минатата година се соочила со негативен природен прираст, при што бројот на населението е намален за вкупно 4 140 лица. Негативниот прираст е присутен како во градските, така и во руралните подрачја, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Од вкупното намалување на населението, 3 132 лица се во градските средини, додека 1 008 лица се во руралните подрачја.
Во 2024 година, во градските подрачја биле живородени 9 694 деца, што претставува 60,4 отсто од вкупниот број новороденчиња. Истовремено, забележани се 12 826 смртни случаи, што резултира со споменатиот негативен природен прираст.
Во руралните подрачја, пак, биле родени 6 367 деца или 39,6 отсто од вкупниот број, додека починале 7 375 лица, што, исто така, придонесува за негативен природен прираст.
Скопскиот Регион има најголемо учество во вкупниот број раѓања со 40,4 отсто, додека Источниот Регион е со најниско учество од 5,8 отсто.

Кога станува збор за смртноста, Скопскиот Регион повторно е прв со 30,3 отсто од вкупниот број починати лица, додека Североисточниот Регион бележи најнизок процент со 8 проценти.
Податоците на ДЗС покажуваат и дека во градските подрачја починале 28 доенчиња, наспроти 19 во руралните области.
Според извештајот на Државниот завод за статистика, повеќе бракови се склучуваат во градските подрачја – 6 014 или 54,3 отсто од вкупно 11 066 бракови, но таму е забележан и значително поголем број на разводи. Од вкупно 2 024 разводи, 1 299 се случиле во градовите, додека во селата биле регистрирани 725 разводи.
Во однос на внатрешните миграции, најголем дел од преселбите, 42,2 отсто, се одвиваат од село во град, при што Пелагонискиот Регион има најголемо учество во овој тренд со 52,8 проценти. Меѓуселските преселби доминираат во Полошкиот Регион со 49,6 отсто, додека меѓуградските миграции се со најмало учество од 2,5 проценти.
„Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион, со 2 603 лица, додека Вардарскиот Регион бележи најнегативно салдо од 177 лица“,
се наведува во извештајот на ДЗС.