Владо Мисајловски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1 зборува за аспекти од процесот на избор и од договорот за набавка на осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ склучен од претходната влада, кои според него, отвораат прашалници за проектот тежок речиси 250 милиони евра

360°: Го спомнавте договорот за набавка на осум транспортни хеликоптери од италијански „Леонардо“ – контроверзии го следат овој договор. Вие, како ВМРО ДПМНЕ, од опозиција го критикувавте тајмингот во кој беше потпишан договорот – март 2024 година за време на техничката влада на Талат Џафери, но интересно е дека по изборите, некаде во август, кога станавте министер, рековте – договорот ќе го почитуваме и ќе го спроведуваме, за потоа во март годинава да излезете со изјава, дека сепак ќе го анализирате, за што беше најмена и странска адвокатска куќа. Каков е во моментот статусот на договорот со „Леонардо“?
Мисајловски: Да, сега ќе ми дозволите да објаснам. Токму така, има неправилности, недостатоци во самото потпишување на овој договор. Повторно, внимателен сум, бидејќи има три опции – една е да го продолжите како што е во оваа фаза и ништо не правите, не знаете колку скриени трошоци ќе излезат бидејќи во договорот има целосно фаворизирање кон италијанската компанија. Второ е да завршите на арбитража, што е најопасниот дел. И трето е да пробате да го почитувате договорот, но некои делови што не се прифатливи за армијата да ги менаџирате, да ги ревидирате. Компанијата која ни помага за целосно да излеземе, да речам од овие неправилности, ни даде и стимул како да го водиме целиот процес.

360°: Зборувате за адвокатската куќа?
Мисајловски: Да, адвокатската куќа бидејќи секој чекор го правиме со нив. Затоа реков да ми дозволите да објаснам. Од потпишување на договорот ние влегуваме во самиот договор во кој швајцарското право одлучува за се, а не македонското. Постапката за водење на овој договор до потпишување е македонско право и тука има доста проблеми, на пример – во избори е сменет планот за јавни набавки, тоа не е дозволено, но е сменет за да се набават овие хеликоптери. Ќе ве вратам малку наназад зашто има многу прашалници за тоа, можеби знаете, можеби не, не многу одамна кога започна овој процес, еве 2023 г., ги имаме и годините целосно ако сакате ќе ви ги дадам – по анализирање на пазарот, не е избрана „Леонардо“, избрана е друга компанија каде што во Министерството, односно на Програмска група се објаснува кој е најдобриот тип на хеликоптери, се дава таа цена од компаниите што е најприфатлива и повторно таа не е „Леонардо“. Кога се предлага на Управната група да се прифати друг вид хеликоптери и цената е најниска, во тој период стигнува, без од никого да се побара, ревидирана понуда, не знам ни како се дознало за тоа, ревидирана понуда од „Леонардо“ којашто во тој момент е пониска. Иако требало да се разговара на Влада да се прифати компанијата што претходно се избрала, нема информации што се разговарало на Влада, што е симптоматично, се враќа во Министерството каде што на Управна група – тоа е со сите авторитети, а тоа тело го води министерот, се разговара да се прифати друга компанија, но наеднаш се прифаќа „Леонардо“ бидејќи е најниска цена. Симптоматично што во тој момент е најниска цена, но на потпишување на договорот се зголемува за 37 милиони евра.
360°: Е како?
Мисајловски: Е тоа треба да се истражи, некој друг да ги даде одговорите и зошто не е побарано и од другите компании во тој период, како таа цена пораснала од последна понуда или подиректно ако сакате – од 213 милиони да порасне на 249,9 милиони евра и тоа е многу симптоматично. Сега навлегувате во договор кој е потпишан, а има уште една пречка – во италијанско законодавство подолга е постапката за потпишување договор држава со држава, тоа е еден вид технички аранжман што е потпишан меѓу државите без да е заверен во Министерството, а договорот е потпишан Министерство со компанија, фактички влада со бизнис.
360°: И сега Италијанците ви прифаќаат ли да репреговарате делови од договорот?
Мисајловски: Да, добивме дописи дека се сложни за сè што е пробематично и што би сакале ние да го разговараме со нив дека стојат на располагање, но ние сакаме… Еве директно да кажам дека исплативме втората рата по договорот бидејќи ние законски моравме да ја исплатиме.
360°: Колкава сума е во прашање?
Мисајловски: 35 милиони евра е втората рата.
360°: А првата рата?
Мисајловски: Првата е 40, околу 75 милиони евра аванс заедно со оваа рата.
360°: Ова значи дека вие решавате да одите понатаму во реализација на договорот?
Мисајловски: Апсолутно, но во самото исплаќање, заедно со правните консултанти доставивме и задршка на сето ова што го плаќаме поради можност за правни последици што се случувале во текот на потпишување на договорот. Внимателно ги кажувам термините, не сакам да зборувам за корупции итн, бидејќи станува збор за држава Италија. Но, ќе имаме големи проблеми, кои заеднички со оваа адвокатска куќа што навистина е од помош, пробуваме со динамичен план сето тоа да го отстраниме. Но, сакам да ви кажам уште една работа што можеби јавноста не ја знае – ова е од ретките договори што е потпишан држава со држава каде што има донација, во договорот стои дека ќе се даде донација и тоа од 15 до 17 милиони евра за правење на хангар каде што не е прецизирано ништо од сето тоа. Тоа е многу симптоматично, како вие ставате донации што наводно не е прифатено во цената претходно да се дава донација, а изгледа била вкалкулирана во сите оние скриени трошоци. Има други правни проблеми во самиот договор што ние ќе побараме, се разбира, да ги ревидираме, но најмногу се од технички карактер и технички опис.
360°: Можно е да го раскинете на крај договорот?
Мисајловски: Јас се надевам дека ќе направиме сè за да имаме успешен договор, за да стигнат хеикоптерите, најлошо е да завршиме на арбитража, да изгубиме многу средства како држава бидејќи брзоплето се направил овој договор, но еве јас имав можност да разговарам и со министерот на Италија – јас лично побарав да ги објаснам сите овие правни последици каде што стојат на располагање целосно да ни помогнат ако има некои проблеми во набавката итн. Но, она што сега во овој момент ќе го направиме е со две паралелни комисии – една ќе биде техничка военo-техничка комисија, а една ќе биде на ниво на авторитети за ревидирање на дел од договорт што можеме да го ревидираме, а другиот дел ќе биде директно она што е по динамички план да видиме… Ние мора да го почитуваме договорот, бидејќи ќе завршиме на арбитража ако не ги почитуваме, тоа е најголемиот проблем.
360°: Ако се договорите на крај, ако се задоволни и двете страни, кога треба да стигнат хеликоптерите?
Мисајловски: Треба да стигнат следната година по динамичен план – еден при крајот на годината и потоа по неколку месеци да стигаат еден по еден хеликоптер. Зашто се набавени осум, тоа е исто така интересно прашање, дали имало потреба од осум во тој период кога се набавувани.
360°: Требало помалку?
Мисајловски: Па, во тој момент нема прецизна информација зошто да бидат осум, зборуваме дека согласно капацитетите што армијата тогаш ги побарала, сега нема објаснување зашто мора осум, бидејќи со тргање на средствата од сите други ставки само да се набават хеликоптерите се задира и во борбената готовност и тоа сега, откако јас дојдов за министер, стигнато е допис од армијата до мене бидејќи мора вие да имате дополнителни средства за сè она што армијата го бара. Од друга страна има, повторно кажувам, скриени трошоци. Ова првпат вака подетално зборувам и пак внимавам бидејќи сакам да успее државата да има хеликоптери, но што е малку поинтересно ќе ви го кажам екслузивно. Кога сме давале пакети како држава кон Украина, различни видови помош, многу земји искористиле различни програми да набават опрема, односно да разменат опрема – ако се дава она што на Украина и треба, а на нас не ни e потребно, други земји да ви вратат со опрема или со средства. Во минатото имало понуда од една земја, еве нема да ја кажам земјата, да ни дадат хеликоптери, тоа било игнорирано. Сега се обновуваат тие програми повторно на мое барање, на воениот авторитет, повторно ги започнуваме каде што имаме можност да земеме хеликоптери.
360°: Тие во употреба ли се?
Мисајловски: Апсолутно, многу подобри од сега овие што ги имаме, бидејќи знаете каква е состојбата, од која година се, нема резервни делови, тоа е уште еден договор за репарирање што ни е проблематичен заедно со Чешка.
360°: Дали добро меѓу редови прочитав дека во овие преговори со „Леонардо“ ќе се обидете да побарате да ги тргнат тие 30 и кусур милиони коишто во последна фаза се додадени на вкупната сума?
Мисајловски: Не, ние побаравме објаснување на цената и претходно пред да се потпише тоа е поради инфалција и итн, но тоа е сериозна сума на зголемување во време на избори без да се објасни детално зошто е качена таа сума. Државата има право да го прифати тоа, но многу е симптоматично зошто бидејќи не сте побарале и од другите компани да се дообјаснат зашто за некои се работи толку качени.
360°: Значи објаснувањето е инфалција?
Мисајловски: Во мал период за толку да се зголеми цената, треба тоа некој да го докаже дали е тоа.
360°: Во моментот договорот е важечки, вие втората рата сте ја исплатиле?
Мисајловски: Во моментот договорт е важечки и продолжуваме со имплементација на овој договор, но многу внимателно со секој еден чекор што го правиме, не го правиме сами, туку со адвокатската куќа направен е динамичен план за секоја рата што ќе побараме, кога ќе се прати македонската делегација таму, внимателно сè.