Една од идеите што се разгледува е создавање државна програма што ќе ги поддржува македонските млади инженери кои развиваат наменски технологии, дронови, со директна финансиска и логистичка помош од Министерството или други институции – вели во интервју за „360 степени“ министерот за одбрана

Во сенка на војната во Украина и одлуката на НАТО-сојузниците за зголемување на трошоците за одбраната, се отвора прозорец на можности и за помалите држави. Македонија, според министерот за одбрана Владо Мисајловски, има реална шанса да влезе на мапата на земји што развиваат наменска индустрија, но за тоа се потребни политичка волја, реформи и државна поддршка.
„Ние моментално имаме една компанија што сериозно вложува во наменското производство. Таа компанија е АТС АММО, како што знаете, во Македонски Брод. Тоа е започнато од претходната власт, сега се проширува, сака нови капацитети. Но е една“,
вели Мисајловски како вовед во темата.
Станува збор за поранешната фабрика „Самоков“, која произведува различни видови муниција.
Вели дека наскоро ќе ја посети лично, а во меѓувреме имал можност да се сретне со претставници на компанијата и во Хаг. Но, за вистински развој на индустријата, потребни се повеќе такви капацитети – не само фабрики, туку и стартапи, истражувачки тимови и млади инженери кои ќе бидат поддржани од државата.
„Ако ние имаме повеќе вакви компании да произведуваат оружје, да има стартап-бизниси кои можеме да ги поддржуваме или да отворат капацитети за каков било дел од таа воена индустрија или наменска индустрија – тоа се нови работни места, добро платена работа, но и големо влијание во НАТО“,
смета Владо Мисајловски.
Тој наведува примери од земји членки на Алијансата кои преку буџетски линии директно субвенционираат развој на технологии, финансираат истражувања преку факултети или директно вложуваат во приватни компании.
„Дел од државите во својот буџет имаат директни средства каде што директно со компаниите прават еден вид јавно-приватно партнерство. Тука треба да се сменат закони итн. Но, има и многу земји каде што директно имаат право да вложат во компаниите“,
вели тој и објаснува дека според сегашната законска рамка во Македонија не може директно да инвестира во приватни воени капацитети.
Но, вели министерот за одбрана, има конкретен интерес од странски компании.
„Директно ќе ви кажам дека неколку компании се заинтересирани да инвестираат. Различен тип компании. Странски компании коишто гледаат да најдат партнери тука“,
вели Мисајловски.
Според него, една компанија со која преговара Владата е сериозно заинтересирана да направи голем капацитет за производство на барут.
Други компании, вели тој, разгледуваат опции за производство на одредени компоненти, делови, па дури и цели платформи за дронови. Според министерот, ова се можности што не треба да се пропуштат. Но, сите инвеститори, вели тој, очекуваат една работа:
„Сите очекуваат некаква помош, некакви субвенции – на кој било начин да се помогне.“
Една од идеите што се разгледува е создавање државна програма што ќе ги поддржува македонските млади инженери кои развиваат наменски технологии, дронови, со директна финансиска и логистичка помош од Министерството или други институции.
„Ние ако имаме добра наменска индустрија, ние ќе можеме преку држава да продаваме држава со држава. Сега, во овој момент, тоа не го можеме“,
вели тој за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.