Од Министерството посочуваат дека особено значајно е што Венецијанската комисија го препознала транспарентниот и инклузивен процес при изработка на предлог-законот преку јавни расправи, експертски консултации со вклучување на сите клучни чинители
Министерството за правда информира дека предлог-законот за Судски совет е влезен во владина процедура откако претходно беше испратен на мислење до Венецијанската комисија.

„Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани“,
велат од Министерството за правда.
Оттаму посочуваат дека особено значајно е што Венецијанската комисија го препознала транспарентниот и инклузивен процес при изработка на предлог-законот кој се одвиваше преку јавни расправи, експертски консултации со вклучување на сите клучни чинители.
„Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството“,
додаваат од Правда.
Со законските измени, меѓу другото, се предвидува јавност во постапката за разрешување на претседателот или заменик-претседателот на Советот, воведување јавна расправа за кандидатите за несудски членови со цел поголема транспарентност и одговорност, како и зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Судскиот совет од редот на судиите.
Со измените дополнително се предвидува прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, како и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на Европската Унија. Како една од клучните препораки на Оценската мисија на ЕУ кои се имплементираат во предлог-законот, како што додаваат од Правда, е воведување објективно оценување на работата на членовите на Советот, транспарентност во носењето на одлуките и механизми за одговорност и на самите членови на Советот.
Откако ќе биде усвоен на Влада, од Министерството за правда очекуваат предлог-законот наскоро да биде усвоен и во Собранието.