Надлежниот јавен обвинител, врз основа на прибраните и анализирани докази, оцени дека високиот јавен интерес во овој предмет е неспорен и дека обврска на пријавениот, како новинар кој ја обработувал предметната тема во конкретниот случај, било да ги повика на одговорност носителите на државни и јавни функции, да истражува и да ја расветли ваквата тема бидејќи засегнатите граѓани на територијата на Град Скопје имале право да ги добијат таквите информации
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ја отфрли поднесената кривична пријава против еден новинар и една телевизиска куќа, пријавени за кривично дело – неовластено прислушување и тонско снимање од член 151 од Кривичниот законик.
Како што стои во соопштението од Обвинителството, подносителката на пријавата за време на пријавениот настан извршувала работни задачи на работно место, како раководител на одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните во Град Скопје.
Според неа, приватноста ѝ
била нарушена бидејќи новинарот телефонски ја снимил и снимката ја емитувал во вестите на национална телевизија, со цел да ја праша за сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сообраќајната сигнализација во Скопје.

За кривичното дело – неовластено прислушување и тонско снимање потребно е сторителот тонски да снима изјава што му е наменета, без знаење на тој што ја дава, со намера таквата изјава да ја злоупотреби или да ја пренесе на трети лица, односно потребно е сторителот непосредно да ја пренесе таквата изјава врз трети лица.
Всушност, како што велат од Обвинителството, се работи за неправо што се заснова врз противењето на оштетениот неговата изјава да биде регистрирана, односно пренесена на трето лица, како и врз посебната намера на сторителот за злоупотреба на изјавата или за нејзино пренесување врз трети лица.
„Испитувајќи ги наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител презеде повеќе дејствија, при што целосно го испита и потврди неформалното својство и работните задачи на подносителката во администрацијата на главниот град, како лице задолжено меѓу другото да остварува комуникација со медиуми во однос на активностите на органите на Градот Скопје, јавните претпријатија и јавните служби коишто се во надлежност на Град Скопје, иако таа тврдела дека во критичниот момент била вработена на проект во ЈУ ‘Универзална сала‘- Скопје“,
пишува во соопштението на Обвинителството.
Покрај ова, јавниот обвинител низ призмата на конкретни пресуди од праксата на Европскиот суд за човекови права се произнесе и во однос на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес наспроти правото на приватност на подносителката на пријавата.
Тајното снимање, како што објаснуваат од Обвинителството, под што се подразбира и снимањето без дозвола на телефонски разговори за можно емитување, како метод на крајна нужда во новинарското истражување, неспорно претставува упад во правото на приватност, но може да се користи кога тоа е оправдано со јасен јавен интерес.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур, преку пресудата во случајот „Радио Твист“ против Словачка, нагласува дека тајните снимки во новинарското истражување, оправдани со јасен јавен интерес, особено може да се користат во ситуации кога истите не содржат невистинити и извитоперени информации, односно информации кои не предизвикуваат голема штета врз личниот интегритет и углед на лицето, чие право на приватност било предмет на упад при нивното обезбедување, како што е во конкретниот случај.
„Од тие причини, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавениот новинар и телевизијата не се содржани законски обележја на кривичното дело – неовластено прислушување и тонско снимање ниту, пак, на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, па донесе одлука да ја отфрли пријавата. Донесеното решение е правосилно и потврдено од Вишото јавно обвинителство“,
информираат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител, врз основа на прибраните и анализирани докази, оцени дека високиот јавен интерес во овој предмет е неспорен и дека обврска на пријавениот, како новинар кој ја обработувал предметната тема во конкретниот случај, било да ги повика на одговорност носителите на државни и јавни функции, да истражува и да ја расветли ваквата тема, бидејќи засегнатите граѓани на територијата на Град Скопје имале право да ги добијат таквите информации.
Така, според Обвинителството, едно од клучните прашања што создава дилема при остварувањето на нивната основна задача е токму прашањето за тоа што претставува јавниот интерес бидејќи законските одредби не го дефинираат ова прашање, па новинарите како медиумски професионалци се ставени во ситуација да ја одредат рамнотежата, односно пропорционалноста помеѓу правото на приватност од една страна и правото на медиумите да објавуваат информации од јавен интерес од друга страна.
ОЈО Скопје донесеното решение ќе го достави до новинарските здруженија и до невладините организации што се занимаваат со прашањето на слобода на изразување во насока на поддршка на домашната правна пракса.