Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела рече дека би бил најсреќен човек на светот доколку Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го изгласа извештајот за напредокот на Македонија, но додаде дека добил информации за нови притисоци од Софија за наводни опасности доколку извештајот биде изгласан
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре треба да гласа за усвојување на предлог-извештајот за напредокот на Македонија подготвен од страна на европратеникот и известувач за земјава Томас Вајц. Гласањето првично требаше да се одржи на 4 јуни, но на предлог на Вајц беше одложено.

Европратеникот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати поврзани со извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за чии преговори и компромиси, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во ЕП.
Како образложение на барањето за одложување на гласањето, Вајц рече дека целта е да им се даде можност на европратениците, особено оние од редовите на десничарските пратенички групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН), да ги ажурираат своите лоби-регистри.
Во предлог-извештајот за напредокот на земјава, подготвен од европратеникот Вајц, се наведува потребата од одржување на моментумот и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Воедно, се повикува на брз напредок во преговорите и спроведување на уставните измени. Во нацрт-документот, дополнително, постојат неколку референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела рече дека би бил најсреќен човек на светот доколку Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го изгласа извештајот за напредокот на Македонија, но додаде дека добил информации за нови притисоци од Софија за наводни опасности доколку извештајот биле изгласан.