Сите директори на основни училишта опфатени во предметот кои, како што рече судијата, биле назначени на в.д. функцијата, не биле избирани од редот на вработените, назначувани се без објавен јавен оглас, го немале потребното петгодишно искуство и се избирани едно по друго, иако законот не го дозволува тоа
Основниот суд Струга му изрече казна од 10 000 евра во денарска противвредност на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко по обвинението за несовесно работење во службата, конкретно, за сторени нерегуларности при назначувањето в.д. директори на основни училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Образложувајќи ја пресудата, судијата Јордан Јованов, кој го водеше процесот, рече дека при носењето на одлуката и пресметувањето на висината на казната се земени предвид повеќе олеснителни околности – тоа што обвинетиот нема кривично досие, односно не е претходно осудуван.
Јованов рече дека обвинетиот постапил спротивно Законот за основно образование, како и дека постојат извештаи и записници од извршен надзор од страна на Државниот просветен инспекторат во кои се наведени членови каде што е постапено спротивно законот. Сите директори во предметот кои, како што рече судијата, биле назначени на в.д. функцијата, не биле избирани од редот на вработените, назначувани се без објавен јавен оглас, го немале потребното петгодишно искуство и се избирани едно по друго, иако законот не го дозволува тоа.
„Не е спорно дека поставените директори ја вршеле работната обврска, но спорно е дали можело да бидат назначувани. Постојат правила како се прави тоа и се додека тие се во важност мора да е почитуваат“,
рече судијата.
Застапниците на Обвинителството најавија дека ќе ја обжалат пресудата.
Инаку, Мерко на почетокот на месецов доби ослободителна пресуда за предметот што се водеше против него за злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра.