На средбата министрите разговарале за тековните процеси и заложби за дигитална трансформација во двете земји, со посебен акцент на полските искуства во дигитализацијата на јавните услуги и кибербезбедноста

Полска и Министерството за дигитализација ќе бидат најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски по средбата со полскиот вицепремиер и министер за дигитални прашања Кристоф Гавковски на Дигиталниот самит во Гдањск.
На средбата министрите разговарале за тековните процеси и заложби за дигитална трансформација во двете земји, со посебен акцент на полските искуства во дигитализацијата на јавните услуги и кибербезбедноста.
Како што информираат од македонското министерство, на средбата и двете страни ја нагласиле важноста од зајакната регионална и европска соработка во оваа сфера.
„Полска и Министерството за дигитализација ќе бидат најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија. На крајот на претседавањето со Советот на ЕУ, фокусот на полската влада останува на поддршка на партнерите и пријателите“,
изјави министерот Андоновски по средбата.
Андоновски, исто така, најавил дека оваа есен, со поддршка од Европската Унија, граѓаните на Северна Македонија ќе добијат можност за дигитална лична карта преку мобилна апликација, што претставува значаен чекор во дигиталната трансформација на општеството.
Вицепремиерот Гавковски ја потврдил посветеноста на Полска велејќи дека сакаат да бидат најсилен поддржувач на македонската интеграција во ЕУ.
„Како ваш традиционален партнер, Полска е подготвена да ѝ помогне на Македонија со експертиза, техничка помош особено во делот на сајбер безбедноста, но и лобирање и поддршка во европските институции“,
рекол Гавковски.
Средбата, како што велат од Министерството за дигитална трансформација, ја потврдува заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка и размена на добри практики, со оглед на тоа што дигиталната трансформација е еден од клучните сегменти во Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ.