Дополнително, бараат да се изработи нов предлог со вклучување на барањата на независните кандидати, да се организира јавна расправа со присуство на стручната и општата јавност и да се донесе решение што е во корист на демократијата и усогласено со уставно загарантираните права на секој граѓанин на Македонија
Независните советници, градоначалници и активисти од повеќе граѓански иницијативи и здруженија бараат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот на законот за прогласување на измените на Изборниот законик, кои, иако сè уште не се усвоени во Собранието поради недостиг на Бадентерово мнозинство, независните оценуваат оти тоа е ситуација која може да се смени во секој момент.

Дополнително, бараат да се изработи нов предлог со вклучување на барањата на независните кандидати, да се организира јавна расправа со присуство на стручната и општата јавност и да се донесе решение што е во корист на демократијата и усогласено со уставно загарантираните права на секој граѓанин на Македонија.
Независните оценуваат дека со предложените измени на Изборниот законик, со кој се зголемува бројот на потписи за нивно учество на изборите, се врши напад врз демократијата од страна на сите парламентарни партии, за повторно носење на, како што велат, противуставни измени кои Уставниот суд ги укина пред неполни 30 дена.
„Законот повторно се гласа пo скратена постапка, без јавна расправа, без консултација со засегнатите страни, без објаснување зошто по две децении се прави вака драстично менување на изборните правила. Уставниот суд на 20 мај веќе еднаш укина противуставна измена (У.бр.186/2024), а сега политичките партии сплотени заедно повторно ја враќаат во уште поекстремна верзија. Со оваа постапка, Собранието удира шамар не само на демократијата и на граѓаните, туку и на Уставниот суд како институција и на Уставот како највисокиот акт во Македонија на кој се темели правниот поредок и со кој се исцртува линијата што ниедна власт не смее да ја премине!“,
велат независните.
Велат дека нивните барања не претставуваат борба за привилегии, туку борба за фер шанса – за секој граѓанин да може да се кандидира и да избира и со тоа да биде вклучен во процесите на носењето на одлуки.
„Меѓународните тела како што се ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија препорачуваат максимум 1 отсто потписи заедно со олеснување на начините за собирање на тие потписи, односно ослободување на строгите бирократски механизми и под услов правилата за собирање потписи да не се користат за да ги спречат кандидатите да се кандидираат за функции каков што е случајот со предложените измени на Изборниот законик. Препораката за значително елиминирање на бирократските процедури партиите воопшто не ја зедоа предвид, а препораката за максимум 1 отсто ја извртеа во своја корист и во општините со најголем број на избирачи го зголемија прагот за пристап до избори на сите независни кандидати, што е спротивно на сите демократски практики во Европа и спротивно на суштинските одредби од македонскиот Устав во кои се вели дека не смее да се ограничува правото да се избира и да се биде избран како една од темелните вредности на уставниот поредок“,
се додава во соопштението на независните советници, градоначалници и активисти од повеќе иницијативи.
Иако на денешната пленарна седница на Собранието заврши расправата по однос на измените на Изборниот законик, точката не беше ставена за гласање поради недостиг на Бадентерово мнозинство.
Уставниот суд неодамна ги укина членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Корпусот на измени на Изборниот законик, меѓу кои и овие, беа донесени во март минатата година, во пресрет на ланските претседателски и парламентарни избори, а требаше да важат и за овогодинешните локални избори.