„Не можам да дадам поддршка на некои кои се обидуваа да ми ја земат слободата“, вели пратеникот на СДСМ, чиј глас е важен за да се обезбеди не само двотретинско мнозинство туку и т.н. „голем бадентер“

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, потврди дека тој нема да гласа за избор на нов состав на Програмскиот совет на МРТ. Поточно, Битиќи вели дека со оглед на тоа што треба двотретинско мнозинство и т.н. „голем бадентер“ (мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници), тој би гласал „за“ при првото изјаснување, но не и за да се стигне до „голем бадентер“.
Битиќи: Кога во одреден момент ќе треба да го искористам тоа право, коешто за себе го немам искористено, јас го сметам за свето, сакам да има доволно аргументи на двете страни. Со претседателот Венко Филипче седнавме, разговаравме, ги кажав моите аргументи во тој момент.
360°: Ви пречеше предлог-составот на Советот на МРТ?
Битиќи: Не, искрено не. За волја на вистината, има неколку мои пријатели кои се предлог за советите.
Дел од аргументите зошто не би гласал за кандидатите се лични, вели пратеникот.
„Не можам да дадам поддршка на некои кои се обидуваа да ми ја земат слободата. Да ми земат слобода на говор, да ми прават различни притисоци и јас денеска само да наведнам глава и да кажам да, ќе ве гласам, а тоа за вас е нешто што е битно. Има такви предлог-членови, а има и што доаѓаат од таква политичка партија. На крајот од денот, видете, една министерка се заканува на пратеник дека ќе го тужи, само затоа што сум поставил прашање. Еден од аргументите е вредносен, јас сметам дека треба да го докажат спротивното за да можат да го добијат мојот глас“,
вели Битиќи.
Тој додава дека не станува збор само за предлогот на кандидати за Програсмки совет на МРТ, туку за целосната идеја за реформите.
„Треба да ја видиме понудата. Што ќе биде бенефитот за граѓаните? На крај на денот, зборуваме за јавен сервис и за јавното информирање. Што е добробитта? Бидејќи јас тоа не можам да го видам во овој момент, најавив дека ќе гласам ‘за’ како пратеник (во двете третини), но ќе гласам против при второто гласање“,
рече Битиќи.
Битиќи вели дека не го напушта СДСМ, иако имало различни предизвици.
„Во нашето општество партиските луѓе ги гледаат низ призмата на униформирани милитанти кои играат под директива на еден човек. Јас сум идеолошки определен човек и затоа во политиката имам влезено многу касно, кога си потврдив себеси која е идолошката матрица на делување и кои се вредностите кои ми лежат најмногу до срце. Сите имаат предизивици, но сум кажал јавно и пред пред партиските структури, без разлика што некој сака да ме нема во јавоста под превезот на социјалдемократијата, нема да ми го земат тоа што го имам во себе. Јас ќе сум и ќе останам социјалдемократ“,
вели Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.
Во однос на претстојните локални избори, Битиќи смета дека СДСМ ќе добие барем еден глас повеќе на советничките листи од парламентарните избори во 2024 г.
За кандидатите за градоначалник на Скопје смета дека е важно каква визија ќе имаат за Скопје во 2050 г., особено во делот на хигиената и безбедноста на градот.
Битиќи: Единствено СДСМ може таков кандидат да понуди, којшто ќе се изнедри од граѓанството, и затоа сметам дека ќе излеземе подобри од парламентарните избори.
360°: Две имиња се споменуваат – Мишко Ралев, архитект, и една од потпретседателките, поранешна министерка за животна средина, Каја Шукова.
Битиќи: Двајцата лично ги познавам, за двајцата би сакал да ги видам нивните визии за Скопје, можам да им кажам дека кој било од нив доколку победи, независно каде ќе бидам позициониран, бесплатно ќе им помогнам за Скопје да биде поубав град за живеење, со целиот мој интегритет, знаење и искуство.