„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените“, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, кој оцени дека влијанието на цените на нафтата е извесна по синоќешниот напад на Израел врз Иран
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, смета дека војната помеѓу Израел и Иран ќе влијае и врз цената на нафтата во Македонија. По нападите на Израел врз Иран, Бислимоски посочи дека утрово цената на светските берзи на нафтата била зголемена за десетина долари.

„Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но ако продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати апсолутно ќе има влијание и на цената којашто ќе ја плаќаат корисниците во Македонија“,
изјави Бислимовски пред обраќањето на панел-сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на конференцијата „Иднината на комуналниот сектор“.
Претседателот на РКЕ не очекува влијание на цените на останатите продукти.
„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше случај кога почна војната во Украина. Имаше пик, па се стабилизира и во последните неколку месеци цените се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме првпат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик“,
рече Бислимоски.
Израел ноќеска изврши серија напади врз Иран, гаѓајќи нуклеарни и воени објекти.