Против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и уште две лица – З.К.В. (30) и В.П. (29) од Струмица – е поднесена кривична пријава поради сомнение за злосторничко здружување, перење пари и други приноси од казниво дело и даночна измама
Министерството за внатрешни работи (МВР) во соработка со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривични пријави против 23 физички и 15 правни лица од Струмица кои се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за над 94 милиони евра.

Меѓу лицата против кои е поднесена кривична пријава е и струмичкиот бизинсмен Ристо Крмзов, кој претходно денеска беше уапсен по насока на ОЈО ГОКК. Како што информираат од МВР, против него и уште две лица – З.К.В. (30) и В.П. (29) од Струмица – е поднесена кривична пријава поради сомнение за злосторничко здружување, перење пари и други приноси од казниво дело и даночна измама.
„Против Г.Т. (48), Д.М. (60), П.К. (67), В.К. (26), K.С. (41), К.М. (40), Н.Ф. (43), М.К. (48), М.М. (68), Е.Т. (61) и З.М. (59), сите од Струмица, е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела ‘злосторничко здружување’ и ‘даночна измама’, против С.П. (58), С.М. (58), Л.К. (52), Л.Б. (37), С.Т. (66), М.П. (60), Ј.Т. (44), А.К. (35) и Ј.Г. (66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘несовесно работење во службата’, а против 15 правни лица од Струмица за ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ и ‘даночна измама’“,
се наведува во соопштението на МВР.
Се додава дека Р.К. (Ристо Крмзов) заедно со З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, на штета на државниот буџет.
„Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители“,
наведуваат од МВР.
Користејќи ги правните лица кои ги формирале, организаторите на злосторничкото здружение изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП.
Со ваквите дејствија, пријавените оствариле противправна имотна корист на штета на буџетот во вкупен износ од 5 801 937 796 денари или 94,3 милиони евра.