За Крмзов и неговите бизниси, Обвинителството отвори предмет откако претходно беа направени претреси на неколку локации низ државата поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари
Полицијата денеска го лиши од слобода струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби што се проценуваат на околу 15 милиони евра.
Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), апсењето е извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Од страна на полициски службеници, по насоки на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, лицето Р.К. е лишено од слобода“,
се вели во соопштението од МВР.
За Крмзов и неговите бизниси, Обвинителството отвори предмет откако претходно беа направени претреси на неколку локации низ државата поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Во септември минатата година беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар.
Тогаш беа приведени четири лица, а државниот обвинител Љупчо Коцевски информира дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.
Потоа, судија на претходна постапка донесе одлука за одземање на патната исправа на бизнисменот Крмзов додека другите три приведени лица се пуштени на слобода без мерки за обезбедување.
Некои медиуми тогаш објавија дека акцијата е насочена кон струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и дека при претресите се пронајдени дијаманти и поголеми суми пари во кеш.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на 13 јануари годинава, зборувајќи за предметот поврзан со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, рече дека по првпат во предистрага Обвинителството побарало одземање пасош.