Управниот суд ја отфрли тужбата на антикорупционерите за документите на директорот на АНБ
Управниот суд ја отфрли тужбата на антикорупциската комисија, против Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што оваа институција и наложи на ДКСК да ни даде увид во документите за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, објави „Призма“.
Со оваа одлука, останува да важи решението на Агенцијата за слободен пристап, според, кое, ДКСК, на БИРН треба да му овозможи увид во овие документи.

Оваа тивка и упорна правна битка на БИРН со антикорупциската комисија траеше додека скопскиот обвинител Владимир Милошевски, истражуваше дали сертификатот на Христовски е фалсификат.
Минатата недела тој ги отфрли двете кривични пријави и го затвори случајот без да утврди дали сертификатот бил фалсификат.
БИРН поднесе две барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до ДКСК со кои, побаравме и увид и копија од сертификатот за познавање странски јазик за директорот на АНБ и уверението за положени испити.
По барањето на БИРН од јануари, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во април ѝ наложи на ДКСК да ни даде увид и копија од документите.
Одговорот на ДКСК беше тужба против Агенцијата пред Управниот суд, затоа што оваа институција им наредила да ни дозволи увид до документите.
Управниот судија Ѓоко Живковски, на 22 мај ја отфрли тужбата на ДКСК како недозволена и ѝ нареди да ни дозволи увид во документите за директорот на АНБ во рок од 15 дена од приемот на решението.
Објаснувањето на ДКСК, поради кое, со месеци не ни дозволуваше увид во документите на директорот на АНБ, беше дека на тој начин, ќе ги повредат личните податоци на Христовски, но и поради тоа дека овие списи се „предмет на постапување од страна на надлежното обвинителство“.
На тоа, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап им одговори на антикорупционерите дека Христовски е „именувано лице“, и дека со овие документи во кои БИРН бара увид „се утврдува квалификацијата и стручноста на лицето што извршува јавна функција…“.
Целата стројата на „Призма“ може да ја прочитате на следниот линк.