Сезонските линии до Анкара и Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летовите на „Аџет“ до аеродромот „Чукурова“ ќе бидат двапати неделно. Сите три нови дестинации ќе бидат активни до крајот на септември годинава

Меѓународниот аеродром „Скопје“ од први јуни е поврзан со уште три турски града преку авиокомпанијата „Аџет“. Изминатиот викенд започнаа сезонските летови до Анкара, „Чукурова“ и Дијарбакир, проширувајќи ја понудата за патувања, соопшти аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“.
Сезонските линии до Анкара и Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летовите на „Аџет“ до аеродромот „Чукурова“, кој се наоѓа во округот Тарсус, во покраината Мерсин, Јужна Турција, ќе бидат двапати неделно. Сите три нови дестинации ќе бидат активни до крајот на септември годинава.
„Директното поврзување на меѓународниот аеродром ’Скопје’ со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти, затоа што секоја област носи свои бенефити“,
вели Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Тој истакна дека спојот на Скопје и Анкара ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис-логистика, лесен пристап до турскиот пазар, бизнис-мобилност, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, како и поврзување на заедниците, со што дополнително ќе се унапредат политичките и дипломатските односи.
Од „ТАВ Македонија“ додаваат дека воспоставувањето авиоврска со „Чукурова“ и Дијарбакир ќе донесе значајни стратегиски, економски, туристички и културни придобивки за Македонија.
„Чукурова“, додаваат од ТАВ, како голема плодна област која ги опфаќа индустрискиот и аграрен центар Адана и туристичкиот потенцијал Мерсин (дестинација на турската медитеранска ривиера), е особено значајна. Исто така, во Македонија постои голема популација со потекло од овие две области, со што авиоповрзувањето ќе ја олесни комуникацијата и одржувањето на семејните врски.
Со новите три дестинации авиокомпанијата „Аџет“ од меѓународниот аеродром „Скопје“ сега ќе има вкупно четири дестинации, вклучувајќи ја и веќе постоечката линија до аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул.
Во тековната летна сезона 2025, вкупно четири авиокомпании летаат меѓу Турција и Македонија, опфаќајќи шест града и седум аеродроми во Турција.
Од меѓународниот аеродром „Скопје“ и од „Свети Апостол Павле“ во Охрид, „Туркиш ерлајнс“ лета до Истанбул, „Пегасус ерлајнс“ лета од скопскиот аеродром до „Сабиха Гокчен“, Измир и Анталија, додека „Сан експрес“ лета од Скопје до Анталија и Измир.