Како што пренесуваат светските медиуми, Навроцки (42) во минатото бил боксер и конзервативен историчар. Поддржувач е на американскиот претседател Доналд Трамп и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА)
Карол Навроцки, независниот кандидат поддржан од опозициската партија Закон и правда (ПиС) е избран за нов претседател на Полска. Го победи неговиот ривал, Рафал Тшасковски, во неверојатна тесна трка.
По пребројувањето на гласовите, полската Државна изборна комисија објави дека Навроцки доби 50,89 отсто од гласовите, додека неговиот противник Тшасковски, кандидат на владејачката коалиција и градоначалник на Варшава, освои 49,11 отсто.
Тшасковски победи во првиот круг од претседателските избори што се одржа на 18 мај. Тогаш доби 31,36 отсто од гласовите, наспроти Навроцки, кој освои 29,54 отсто од гласовите.

Како што пренесуваат светски медиуми, Навроцки (42) во минатото бил боксер и конзервативен историчар. Поддржувач е на американскиот претседател Доналд Трамп и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). Тој ги поддржува антиимиграцискиот став и борбата против влијанието на либералните вредности.
Аналитичарите велат дека Навроцки е човек со сомнително минато, кој во младоста бил боксер и учесник во хулигански немири и тепачки во неговиот роден Гдањск.
За време на кампањата, Навроцки постојано се спротивставуваше на членството на Украина во НАТО и нагласуваше дека безбедносните интереси на Полска се со Вашингтон, додека Тшасковски бараше поголема улога на ЕУ во решавањето на конфликтите и зачувувањето на европската безбедност.
Од 2021 година тој е раководител на Институтот за национално сеќавање. Од 2017 до 2021 година, пак, беше директор на Музејот на Втората светска војна во Гдањск.
Како директор на Институтот за народно сеќавање, Навроцки ги исполни постулатите на патриотската и таканаречената историска политика на Јарослав Качински.
Во 2018 година, како новоназначен директор на Музејот на Втората светска војна во Гдањск, не се двоумеше да ги избрише броевите на учесниците во партизанските и четничките движења во Југославија од главната изложба, за да не се види дека движењето на отпорот во Југославија за време на Втората светска војна било поголемо, посилно и позначајно од полското.
Во февруари 2024 година тој беше наведен како едно од лицата барани од Руската Федерација за кривични обвиненија во врска со дејствија поврзани со отстранувањето на спомениците што го одбележуваат присуството на Црвената армија на полска територија во периодот од 1944 до 1989 година.