Под слоганот „Стани Србијо“ демонстрантите повикаа на колективна акција низ целата држава, седум месеци по падот на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица
Во Белград и во уште 30 градови низ Србија студенти и граѓани денеска излегоа на протести на кои бараат предвремени парламентарни избори.
Од 18 часот во Белград започна блокада на Бранков мост. Под слоганот „Стани Србијо“ демонстрантите повикаа на колективна акција низ целата држава, седум месеци по падот на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица.

Протестот под слоганот „Сакаме избори“ прво беше најавен во Пожаревац, но студентските и граѓанските организации на други места одлучија да организираат собири или да ги одложат своите протести за денеска и на тој начин да се приклучат на колективната акција низ целата земја.
На почетокот на мај, студентите побараа одржување вонредни парламентарни избори поради длабоко вкоренета корупција и бидејќи институциите не функционираат слободно.

Но, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во мај изјави дека изборите ќе се одржат следната година и оти ќе бидат распишани тогаш кога надлежните институции ќе донесат одлука.
Утврдувањето на кривичната и политичката одговорност за загинувањето на луѓето при падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад е во фокусот на барањата на студентите.