Франција, заедно со Саудиска Арабија, е копретседател на меѓународна конференција што ќе се одржи од 17 до 20 јуни во ОН во Њујорк за таканареченото решение за две држави за Израел и Палестина

Признавањето на палестинската држава е не само морална должност, туку и политичко барање, изјави францускиот претседател Емануел Макрон наведувајќи неколку услови за преземање на чекорот пред конференцијата на ОН на таа тема на која ќе присуствува на 18 јуни.
На прес-конференција во Сингапур, исто така, потврди дека Европа мора да го заостри својот колективен став против Израел доколку во наредните часови и денови нема одговор соодветен на хуманитарната ситуација во Појасот Газа.
Во тој случај, Европската Унија ќе мора да ги примени своите правила, односно да ги запре процесите што претпоставуваат почитување на човековите права, што не е случај денес, и да примени санкции, рече тој осврнувајќи се на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ, заедницата од 27 члена и Израел, кој треба да се ревидира.
„И затоа – да, мора да го заостриме нашиот став бидејќи тоа сега е неопходност, но сепак се надевам дека израелската влада ќе го промени својот став и дека конечно ќе добиеме хуманитарен одговор“,
додаде тој.
Франција, заедно со Саудиска Арабија, е копретседател на меѓународна конференција што ќе се одржи од 17 до 20 јуни во ОН во Њујорк за таканареченото решение за две држави за Израел и Палестина.
Без јасно да наведе дали ќе признае палестинска држава на настанот, Емануел Макрон во петокот изјави дека создавањето палестинска држава под одредени услови не е само морална должност, туку и политичко барање.
Францускиот претседател ги наведе условите за признавање. Тие се ослободување на заложниците што ги држи Хамас, демилитаризација на палестинското исламистичко движење, негово неучество во управувањето со државата, реформа на палестинската власт, признавање на Израел и неговото право да живее безбедно од таа идна држава и создавање безбедносна архитектура низ целиот регион.
„Тоа е она што ќе се обидеме да го направиме заедно во тој важен момент на 18 јуни, а јас ќе бидам таму“,
рече тој за конференцијата на ОН.