Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вонредните времиња бараат вонредни мерки
Земјите членки на Европската Унија дадоа зелено светло за воспоставување на инструментот САФЕ (Безбедност за акција за Европа/Security for Action for Europe), отворајќи го патот за инвестициски пакет вреден до 150 милијарди евра за зајакнување на европските одбранбени капацитети.

САФЕ е дел од поширокиот план „Риарм Јуроп / Подготвеност 2030“ (ReArm Europe / Readiness 2030), а средствата ќе се соберат преку емисија на обврзници на капиталниот пазар. Целта е да се забрзаат инвестициите во клучни области како што се ракетната одбрана, беспилотните летала и компонентите за стратегиска логистика.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вонредните времиња бараат вонредни мерки.
„Европа сега мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана. Преку САФЕ ние не само што инвестираме во најнапредните капацитети за нашата Унија, за Украина и за целиот континент, туку и ја зајакнуваме технолошката и индустриската база на Европа во областа на одбраната. Станува збор за подготвеност, за отпорност и за создавање вистински европски пазар на одбрана. Европа сега се изјаснува решително, обединето и со јасен пат напред“,
се наведува во писмената изјава на Фон дер Лајен.
Земјите членки сега имаат шест месеци од стапувањето во сила на Регулативата да ги достават своите национални планови кои ќе бидат оценети од Европската комисија. Советот на ЕУ потоа, по предлог на Комисијата, ќе донесе поединечни одлуки за износот на заемот и секое плаќање за претходно финансирање, кое може да изнесува до 15 отсто од вкупниот заем и да започне веќе од 2025 година.
Плаќањата може да се вршат до 31 декември 2030 година, а земјите-членки ќе доставуваат извештаи за напредокот два пати годишно.
САФЕ е дел од поширокиот пакет „Подготвеност 2030“ и планот „Риарм Јуроп“, презентиран во март 2025 година, насочен кон брзо зголемување на инвестициите во европските одбранбени капацитети. Кредитот предвидува ограничување на увозот на компоненти од земји надвор од ЕУ, ЕФТА и Украина до максимум 35 отсто од вкупната вредност, во согласност со принципот „купи европски производи“.