Украина претходно добиваше ракети со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција – вклучувајќи ги АТАЦМС, „Сторм шедоу“ и СКАЛП, но првично ѝ беше дозволено да ги користи само против руските воени сили на окупираните украински територии
Западните партнери не наметнуваат никакви ограничувања на дометот на оружјето испорачано на Украина за напади врз руски воени цели, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, објави „Киев индепендент“.

„Веќе нема никакви ограничувања на дометот на оружјето испорачано на Украина – ниту од Велика Британија, ниту од Франција, ниту од нас. САД исто така не наметнуваат никакви ограничувања. Ова значи дека Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање на воени позиции во Русија. До неодамна, не можеше да го стори тоа, освен во многу ретки случаи, а не го правеше ниту тоа“,
рекол Мерц за време на форумот што го организирал каналот WDR.
Украина претходно добиваше ракети со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција – вклучувајќи ги АТАЦМС, „Сторм шедоу“ и СКАЛП, но првично ѝ беше дозволено да ги користи само против руските воени сили на окупираните украински територии.
Дури кон крајот на 2024 година, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и другите сојузници ги ублажи овие ограничувања дозволувајќи ѝ на Украина да користи ракети со долг дострел против руски воени цели во пограничните региони.
Германскиот канцелар, исто така, нагласи дека додека Украина го користи оружјето за напад врз руската воена инфраструктура, Русија сè уште напаѓа украински градови, градинки, болници и домови за стари лица.
Пред да стане канцелар, Мерц објави дека ќе ја укине забраната на својот претходник Олаф Шолц за испорака на германските крстосувачки ракети „Таурус“, кои имаат дострел од 500 километри. Сепак, откако ја презеде функцијата, тој не потврди дали ракетите навистина ќе бидат испорачани.
Макрон се надева дека гневот на Трамп кон Москва ќе се претвори во акција
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се надева оти гневот на неговиот американски колега Доналд Трамп кон Русија конечно ќе се претвори во акција, особено кога станува збор за заканата од масовни санкции меѓу САД и Европа по викендот со разорни руски напади врз Украина.
Американскиот претседател, кој би сакал да ја заврши војната во Украина, го нарече својот руски колега Владимир Путин целосно луд.
„Претседателот Трамп сфати дека кога претседателот Путин по телефон рекол дека е подготвен за мир или кога им кажал на своите пратеници дека е подготвен за мир, лажел. Во последните неколку часа повторно го видовме гневот на Доналд Трамп. Тоа е еден вид нетрпеливост и се надевам дека ќе се претвори во акција“,
изјави Макрон пред новинарите во виетнамската престолнина Ханој.
Во неколку наврати во минатото, американскиот лидер ги осуди нападите, додаде Макрон.
„Се надевам дека огорченоста што ја изрази, а што ја споделуваме со него, ќе се трансформира во способност САД, заедно со Европејците, да му се заканат на Путин со сосема поинаков и многу посериозен пакет санкции, што ќе ни овозможи да ја одвратиме Русија и конечно да го завршиме овој конфликт. Тука е во прашање кредибилитетот на САД“,
рече Макрон, додавајќи дека разговарал за ова со Трамп.