Лидерот на СДСМ вели дека како партија имаат разумен пристап кон сите прашања и смета оти нивните аргументи се навистина издржани, а поради немањето доволна транспарентност во однос на деталите од договорот, има сомнежи оти постојат заднински намери, како и можност за сомнителни практики

„Не би се противеле на нешто што е логично, што е отворено или нешто што е транспарентно. Нашите прашања се логични, не може да зајмите пари и да не знаеме од кого позајмуваме и што правиме“, одговори лидерот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Венко Филипче, на прашањето како ќе се постави неговата партија во однос на договорот „влада со влада“ помеѓу земјава и Обединетото Кралство, со кој треба да се обезбеди финансиска рамка за проекти од околу шест милијарди евра.
Филипче вели дека како партија имаат разумен пристап кон сите прашања и смета оти нивните аргументи се навистина издржани, а поради немањето доволна транспарентност во однос на деталите од договорот, има сомнежи оти постојат заднински намери, како и можност за сомнителни практики.
„Тоа е како јас да одам со вашата лична карта во банка и да извадам кредит на ваше име и вие утре да дознаете дека имате кредит кој не знаете под кои услови и камати ќе го плаќате. Тоа е кривично дело, а во нашиот политички свет е очигледно бизнис“,
рече Филипче.
Дополнително, вели тој, се поставува прашањето зошто Владата продолжува со праксата на зајмување финансиски средства директно од друга земја, како претходно со Унгарија, наместо да оди со потранспарентен механизам како, на пример, заем од Европската банка за обнова и развој или од Светската банка. Според Филипче, тука се отвора и прашањето на капацитетноста на домашните институции и способноста земјава да спроведува големи проекти.
„Ние имаме околу милијарда евра наши домашни пари во буџетот кои се на располагање за капитални инвестиции. Досега во 2025 г., на половина од годината, има реализирано помалку од 20 отсто од капиталните инвестиции. Ако ние не можеме да ги реализираме капиталните инвестиции со една милијарда евра наши домашни пари за кои не плаќаме никакви камати, зошто се посега по таков механизам кој може да ни наметне непотребни камати, а ние немаме капацитет да ги реализираме тие проекти“,
рече Филипче.
Тој додава и дека иако од Владата неколкупати соопштија дека овој договор ќе биде под најдобрите можни услови досега, јавноста, партиите и граѓаните треба тоа да го видат и Владата да го приложи договорот во Собранието.
„Ако ја слушате Владата и нивниот пи-ар, во државата сè е розово, одлично се живее, цветаат странските инвестиции, ние сме горди пред Европа, но тоа не е реалноста. Вистината е дека граѓаните секој ден сè полошо живеат, платите стагнираат, цените растат, капитални инвестиции не се реализираат“,
заклучува претседателот на СДСМ.
На новинарска забелешка дека за разлика од договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатишта во земјава, кој беше склучен од владата на СДСМ и ДУИ со усвојување специјален закон и целосно исклучување на Законот за јавни набавки, во овој аранжман ќе има каква-таква компетитивна постапка, претседателот на СДСМ вели дека во овој случај законот за јавни набавки нема да може да важи, со самото тоа што однапред се знае дека ќе учествуваат британски фирми и оти многу веројатно е тие да се предодредени.

Според него, за ваквите проекти кои ги надминуваат мандатите на една или две влади, за кои однапред се знае дека ќе се градат подолго време, треба да има натпартиски консензус.
360°: Тоа што, впрочем, не го направи владата на СДСМ и ДУИ – натпартиски консензус за договорот „Бехтел и Енка“.
Филипче: Се сложувам, но јас лично како министер за здравство инсистирав на заедничка работа на сите парламентарни партии за нов клинички центар и, за жал, ВМРО-ДПМНЕ тоа го блокираше. Што беше идејата? Знаејќи дека тој ќе се гради во мандатот на повеќе влади, не може за четири години да се заврши, треба за такви крупни проекти од државно значење конечно да постигнеме консензус и тоа е мој тертип на работа, дека за сите такви проекти треба да има консензус за да се избегнат вакви прашања.
360 степени: Закон за ратификација на договорот со Обединетото Кралство ќе дојде во парламентот и ќе имате шанса да дебатирате.
Филипче: Тоа што досега не знаеме ништо за овој договор, тоа што се зборува за огромни суми што нашата земја досега никогаш не зајмила, досега од непознати услови, навистина создава сомнеж во целиот процес.
Филипче рече и оти на средбата што ја оствари со премиерот Христијан Мицкоски оваа тема воопшто не се нашла на маса и оти не е информиран дали во времето на претходната влада на СДСМ и ДУИ имало исти или слични преговори со Обединетото Кралство.