Покрај него, во акцијата учествуваа и поранешните младински функционери и активисти Ристо Иванов, Никола Поповски, Сотир Костов, Аце Коцевски, Ангелка Пеева-Лауренчиќ, Слободан Најдовски, Зоран Димитровски, Стевчо Јакимовски, Борче Георгиевски
Поранешните членови на раководството на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија и на Југославија и новинари во младинските весници „Млад борец“ и „Студентски збор“ денеска симболично го одбележаа 25 Мај, некогашниот Денот на младоста, со кој во поранешната федеративна држава се одбележуваше роденденот на претседателот Јосип Броз-Тито, објави порталот „Сакамдакажам“ (СДК.мк).

Се навратија на спомени од пред повеќе од 40-ина години за младинските работни акции, а истовремено учествуваа во изградбата на зграда за социјални семејства во Велес на „Хабитат Македонија“, невладина и непрофитна организација од САД.
На работната акција присуствуваше и поранешниот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски-Циле, кој своевремено беше и претседател на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија (ССМЈ), како и член на Претседателството на СФРЈ.
На настанот беше беше најавен како веројатно последниот Македонец кој имал можност да се гледа, дружи и да разговара со Тито.
„Да ме викнат толку луѓе е задоволство и чест. Овде сум за 25 Мај, бев дел од таа младинска организација што беше голема на времето и во историјата. Не се срамам од тоа движење, и им честитам на сите што дошле денес тука. Тоа е составен дел од животот. Тоа што бев претседател на младинското движење на Југославија ми дало можност да ги запознаам сите овие луѓе што се помлади од мене“,
рече Тупурковски.
Покрај него, во акцијата учествуваа и поранешните младински функционери и активисти Ристо Иванов, Никола Поповски, Сотир Костов, Аце Коцевски, Ангелка Пеева-Лауренчиќ, Слободан Најдовски, Зоран Димитровски, Стевчо Јакимовски, Борче Георгиевски.
Поради работни обврски, не присуствуваше поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Во поранешна Југославија младинските работни акции се организираа на локално, републичко и државно ниво. Со работно ангажирање на младите се градеше јавна инфраструктура како патишта, железници и јавни згради, како и индустриска инфраструктура.
Досега волонтерите на „Хабитат“ изградија шест згради, а се привршува седмата, која е најголема со 16 стана. Околу 1 700 волонтери досега дале учество во изградбата, повеќето од нив од САД и од 30-ина држави од светот.