Тој додаде дека првата транша на средства ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра за проекти и тоа ќе бидат под најдобри услови и со најголема рочност на отплата под кои што Македонија кога било ги добила
Николоски рече дека овие средства се исклучиво за проектно финансирање, односно за реализаија на капитални проекти кои носат додадена вредност

За две недели Собранието очекувам да го ратификува договорот, а веќе доцна на есен да започнат и градежните работи на терен за проектите кои ги имаме прецизирано. Ова го изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во однос на догорворот што вчера беше потпишан со Обединетото Кралство, во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни објекти, со кој земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
Според Николоски, ќе се запази процедурата на Законот за јавни набавки и ќе се промени принципот на компетитивен дијалог за да се добијат најдобри цени.
„По потпишувањето што се случи, одиме на ратификација во Собрание и се надевам дека тоа ќе биде во следните 10 до 14 дена, во Велика Британија тоа е многу поедноставо само во Влада поминува договорот. По ратификацијата влегуваме во официјални разговори во реализација на проектите на оние кои што се веќе дефинирани, а тоа е брзата пруга, болниците, факултетот и студентскиот дом. Ќе одиме во една процедура која комплетно ќе го запази Законот за јавни набавки, ќе одиме во таканаречен компетитивен дијалог“,
рече Николоски во интерјву за Македонската радио телевизија (МРТ).
Тој вели дека единствениот услов кој што го поставува Велика Британија е 30 отсто од компонентата да е од Велика Британија и носителот да е од Велика Британија, а оти други ограничувања нема.
„Откако ќе се одбере оној кој би го изведувал, а ќе добиеме најдобри цени за проекти од било што друго претходно, паралено ќе работиме на обезбедување на финансирање, така што очекувам до крај на летото да ги имаме овие два пакети завршено. После тоа неколку месеци природно е да им дадете за мобилизација и доцна есен да почне да се работи”,
рече Николоски.
Во однос на рокот на важност на Договорот тој додаде дека е од 10 години на важење.
„Но, тој не се однесува на должината на проектите, проектите се подолги во однос на финансирањето. Исто така договорот е јасен, доколку двете страни немаат против, оговорот продолжува да важи така што јас очекувам многу подолго од 10 години да трае ова партнерство меѓу Македонија и Велика Британија“,
додаде вицепремиерот.
Тој додаде дека првата транша на средства ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра за проекти и тоа ќе бидат под најдобри услови и со најголема рочност на отплата под кои што Македонија кога било ги добила.
„Очекувам за месец или месец и половина од денес да можеме да излеземе со точни податоци пред македонските граѓани во однос на тоа колку средства ќе користиме и под кои услови. Едно е да повлечете еден, два, пет милиони евра, друго е да повлечете две милијарди евра за старт, до 6 милијарди евра потенцијал“,
кажа Николоски.
Според него, во моментов Македонија на меѓународниот финансиски пазар не може да обезбеди повеќе од 175 милиони евра и дека тоа е максимум што сме добиле за поединечен проект за финансирање, тоа е за коридор 8 за третата делница за железницата.
„Сега зборуваме за 2, 2 милијарда евра и јас гарантирам ќе добиеме најдобри можни услови со најдолга рочност на отплата што Македонија било кога ги видела”,
додаде Николоски.
Тој потенцираше дека овие средства се исклучиво за проектно финансирање, односно за реализаија на капитални проекти кои носат додадена вредност.
„Не зборуваме за фрлање во ветер за ликвидност, за социјална помош итн. Зборуваме за проекти кои треба да носат развој во Македонија и неколкукратно ги враќаат парите нанапред во децениите кои доаѓаат. Кога работите проект потребно е да имате четири чекори за да биде успешен. Прво да имате јасна визија за проектот и што тој би донел. После тоа да направите правна рамка за реализација, врз основа на правната рамка да обезбедите финансирање и врз основа на тоа треба да се изведе изведувач кој ќе го изработи на најдобар можен начин и време“,
објасни Николоски.
Вицепремиерот рече дека договорот „влада со влада“ покрај политичкиот дел, потребен е и заради правна рамка за соработка со Велика Британија, но и правна рамка за реализација на проектите.
„Ако го прочитате договорот јасно ќе видите во кои сектори ќе се работат проекти. Сега одиме во трета фаза, а тоа е обезбедување на финансии и кога ќе ги обезбедиме финансиите ќе одиме во четврта фаза во избор на изведувач и завршување на проектите”,
додаде Николоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас вчера во Лондон го потпишаа договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни објекти, со кој земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
Од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје соопштија дека со потпишувањето на партнерството „влада со влада“ се одбележува нова ера во односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија, што ќе ја зголеми трговијата и ќе го поттикне економскиот раст.
Во врска со потпишувањето на договорот „влада со влада” меѓу Велика Британија и Северна Македонија, „360 степени” разговараше со британскиот амбасадор Метју Лосон за клучните прашања поврзани со целиот процес – како ќе оди текот на парите, дали веќе се знаат британските компании што би влегле во проектите во Македонија, зошто прво се потпишува документ за економска соработка, а не договор за стратешко партнерство.
Лосон оцени да ова е клучен момент во односите меѓу двете земји.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска реагираа дека договорот влада со влада со Обединетото Кралство е втор договор од ваков тип кој Владата го потпишува без претходно навремено да ја информира јавноста за деталите и условите кои се прифаќаат со него и рекоа дека процесот е нетранспарентен.
Договорот за заем со британската влада, со кој на земјава ѝ се ставаат на располагање шест милијарди евра за инфраструктурни и капитални проекти, претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст, но позајмувањето со себе носи и одредени фискални ризици, напиша вчера „Фајненс тинк“ во својата најнова анализа откако во Лондон беше потпишан договорот „влада со влада“ меѓу С Македонија и Обединетото Кралство.