„Јавно достапните податоци од веб-страницата на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено, во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31 176 сообраќајни незгоди, од кои 15 724 се со потешки последици, а загинале 457 лица“, се наведува во извештајот на ДЗР

Мерките и активностите на надлежните институции, иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и европско ниво, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“ на Државниот завод за ревизија.
„Јавно достапните податоци од веб-страницата на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено, во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31 176 сообраќајни незгоди, од кои 15 724 се со потешки последици, а загинале 457 лица“,
се наведува во извештајот на ДЗР.

Како што наведуваат ревизорите, втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзиното донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности.
Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патиштата 2015-2020, како што се посочува, имала за цел бројот на жртви во сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите членки на Европската Унија, бројот на жртви млади возачи да се намали за 30 отсто, бројот на сериозно повредени да се намали за 40 отсто и бројот на деца жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.
По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.
„Целта за намалување на бројот на жртви млади возачи за 30 отсто не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата млад возач; бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 отсто во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица; бројот на деца жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“,
стои во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители.

Од ДЗР посочуваат дека за периодот по 2020 година не е изготвена нова, трета национална стратегија.
„Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции“,
се наведува во извештајот.
Во него се нагласува дека Националнатра транспортна стратегија 2018-2030 – НТС е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната заедница, ратификуван од Република Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт.
За изработка на НТС се потрошени 12,9 милиони денари (210 000 евра), обезбедени од ЕУ преку програмата ИПА 1.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, како што велат од ДЗР, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.
„При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол. Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност истите да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР“,
посочуваат од ДЗР.
Регистарот на возила, како што велат од ДЗР, сè уште не е воспоставен поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.
„Системот ‘Сејф сити’ (Безбеден град) со кој располага и управува МВР, е имплементиран и функционален повеќе години, за што во континуитет се обезбедуваат средства за одржување, но истиот сè уште не се користи за документирање на сообраќајни прекршоци и за изрекување на казни поради неприлагодена законска регулатива“,
посочуваат од ДЗР.
ДЗР посочува дека од страна на Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година се набавени софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, за намени поврзани со безбедноста во сообраќајот, а кои и до денот на изработка на Конечниот ревизорски извештај не се користат од ниту една институција.
По ревизијата дадени се препораки за надминување и подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка за процесот на управување безбедноста во сообраќајот, зајакнување на човечките, финансиските и техничките капацитети на институциите, како и воспоставување на систем за мониторинг и евалуација на ефектите од спроведените активности.