Со тоа, полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја да ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја
Договор за заеднички контроли на граничниот премин „Табановце–Прешево“, кој треба да овозможи вистинска имплементација на системот со едно застанување, денеска е потпишан во Белград од страна на министрите за внатрешни работи на С Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Целта на овој договор е на овој граничен премин да се овозможи побрз транспорт на патници, повеќе трговија, туризам и, како што додадоа министрите, пријателство меѓу двете држави.

„По потпишувањето и ратификацијата на договорот ќе можеме да започнеме со тест-фазата од аспект на техничко решение. Се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе“,
рече министерот Тошковски.
Најави дека соработката со српската полиција и понатаму продолжува во борба против сите видови криминал, а за време на летната сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македоснки полициски службеници на настани што ќе се одржуваат во Србија.

Според српскиот министер Дачиќ, на овој начин ќе се поедностави комплетната процедура на граничните проверки, така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја да ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја.
„Така го воспоставуваме системот со едно застанување, однодно едно место на контрола на граничниот премин“,
вели тој.
Во октомври минатата година, Тошковски и Дачиќ најавија дека системот со едно застанување („уан стоп шоп“) ќе почне да функционира на почетокот на наредната летна сезона. Тогаш се потпишаа повеќе согласности меѓу двете држави.
Системот со едно застанување неодамна e имплементиран на граничниот премин „Блаце–Елез Хан“ меѓу земјава и Косово.
Следува имплементација на границата со Албанија, со што земјава ќе го има имплементирано овој систем со сите соседни земји што не се дел од Европската Унија.