Јаневска посочи и дека веројатно ќе биде потребно дополнување на првичниот архитектонски проект бидејќи, како што додаде, веќе е донесена одлука фасадата на објектите дефинитивно да биде променета
Откако ќе биде направена стручна анализа, се планира да продолжи изградбата на зградите на Факултетот за информатички науки и информатичко инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), информираше денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Нивната изградба во близина на Ректоратот на УКИМ почна во 2015 година, а запре во 2019 година. Иако двете згради се во фаза на карабина, повеќе од шест години на терен не се вршат никакви градежни активности.
Стручната анализа ќе се прави од страна на работна група, која треба да изврши увид за состојбата на започнатите објекти, но и ќе го дефинира начинот како да се одблокира и продолжи нивната изградба. За таа цел, денеска е потпишан меморандум меѓу првите луѓе на Министерството за образование и наука (МОН), УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР).

Првично се очекува да бидат изготвени финални ревидирани проекти според кои ќе продолжи изградбата, зашто, како што рече Јаневска, постојните се стари над една деценија. Потоа, треба да почнат постапките за јавна набавка и да се избере најповолен понудувач.
Се очекува на крајот на оваа или на почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта, а од расположливите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.
„Со овој меморандум формираме работна група, во која секој од нас, односно институциите што ги застапуваме се обврзуваат да спроведат индивидуални и заеднички активности што ќе придонесат кон обезбедување на чиста состојба за продолжување на изградба на овие два објекта“,
рече таа.
Според неа, заедно ќе извршат увид во физичката состојба на објектите, преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би продолжила изградбата во согласност со потребите на крајните корисници.
Јаневска посочи и дека веројатно ќе биде потребно дополнување на првичниот архитектонски проект, бидејќи, како што додаде, веќе е донесена одлука фасадата на објектите дефинитивно да биде променета.
Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 40 отсто од работите во договорот се реализирани и исплатени,л или износ од 110 милиони денари.
Изградбата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пак, требало да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,2 отсто, а исплатени се 73 милиони денари.
Во тимот што ќе ја прави стручната анализа ќе бидат вклучени претставници, односно експерти од соодветни факултети и институции, како ИЗИИС, а сите нив ќе ги координира Градежниот факултет во Скопје.
Меморандумот, како што рече Јаневска, нема финансиска компонента.
„Целата стручна анализа ќе биде направена без надомест“,
рече таа.
Студентите и раководството на ФИНКИ минатата година излегоа на протест пред Владата на кој од властите побараа решение за својот просторен проблем и соодветен објект во кој ќе може да ја следат наставата.
Објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се во изградба од крајот на 2015 година. Тендерот за нивна изградба, тежок речиси 20 милиони евра, го доби штипски „Бетон“. Активно се градеше до 2019 година, кога во стечај замина изведувачот „Бетон – Штип“. Оттогаш градежните активности на терен, за кои до тој момент се потрошија околу 3,3 милиони евра, се стопирани.
Уште од самото основање на факултетот во 2011 година, студентите на ФИНКИ следат настава во повеќе објекти при технолошко-техничкиот кампус при УКИМ и немаат сопствени простории.