Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 5 мај 2025 г. на МРТ 1, во кое гостуваат Менка Андреева, директорка на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик и Симон Саздов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ
По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 80 години од неговата кодификација, во „360 степени“ тема е токму јазикот. Конкретно, новиот Закон за употребата на македонскиот јазик изгласан во Собранието со натпартиски консензус во јануари 2024 година, од кој се очекуваат важни резултати, но сè уште не профункционирал. Директорката на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик Менка Андреева, назначена на функцијата во март годинава, ја прашуваме зошто засега има само прв човек, а не и институција во вистинската смисла на зборот. Со Андреева разговараме и за тоа колку брзо Инспекторатот може да се екипира и каков пристап ќе има во однос на потенцијалните казни. Во дебатата учествуваат и Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик, и Симон Саздов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, кои ги прашуваме за очекувањата од Законот, дали ќе има доволно квалитетни кадри – лектори, ќе имаат ли тие интерес да се вработат во институциите, треба ли македонскиот јазик да се врати како задолжителен предмет на нематичните факултети, зошто не може да се обезбеди достоинствено решение за лекторите во странство…