Тој нагласи дека Владата на СДСМ донела клучни одлуки за заштита и афирмација на македонскиот јазик, кој сега е рамноправен со сите светски јазици, признаен од ОН и афирмиран во ЕУ

Македонскиот јазик е нашиот идентитет, и тоа никој не може да го оспори и одземе, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „Јазикот наш единствен е“, организирана од Форумот на жени на СДСМ, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
„Ние, но и следните генерации имаме обврска да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, поради тоа што тоа е нашиот глас во светот. Тоа никој нас не може да ни го оспори, не може да ни го одземе, ниту јазикот, ниту идентитетот“,
порача Филипче.
Тој нагласи дека Владата на СДСМ донела клучни одлуки за заштита и афирмација на македонскиот јазик, кој сега е рамноправен со сите светски јазици, признаен од ОН и афирмиран во ЕУ.
„Нашата Влада успеа да го донесе македонскиот јазик и во европското законодавство. За првпат на македонски јазик е потпишан еден договор во владата на премиерот Димитар Ковачевски, тоа е Договорот со Фронтекс, на чист македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички, потврден од цела Европа. И тоа не е мала работа, тоа е голема победа, колку и да сакаат политичките опоненти од навистина неразбирливи причини да прикажат дека тоа не е така“,
рече Филипче.
Филипче потсети дека во 2019 година владата на СДСМ го прогласила 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на историската одлука на АСНОМ од 1945 година за усвојување на македонската азбука и правопис.
„Мене ми е чест што бев дел од владата на СДСМ, којашто со своите државнички политики, посветеност и ентузијазам, практично ги исполни заложбите за заштита и утврдување на македонскиот јазик. Во 2019 година Владата донесе историска одлука 5 мај да стане Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога тогашниот Президиум на АСНОМ ја усвоил одлуката за македонската азбука да биде официјално писмо. Претходно, на второто заседание на АСНОМ е донесена одлука македонскиот јазик да биде официјалниот јазик, а после неколку дена од оваа одлука, на 5 мај е донесена и одлука за македонскиот правопис“,
истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.