Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостуваат Менка Андреева, директорка на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик и Симон Саздов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, се емитува вечерва (5 мај 2025 г.) од 21:15 часот на МРТ 1
На 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кога се одбележуваат и 80 години од неговата кодификација, во „360 степени“ разговараме токму за јазикот. Во фокусот е новиот Закон за употребата на македонскиот јазик усвоен во јануари 2024 година, со кој се врзуваат големи надежи, но сè уште не профункционирал. Зошто – ја прашуваме Менка Андреева, која од март годинава е директорка на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик. И што кога ќе почне да се применува. Учесници во дебата се и Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик, како и Симон Саздов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, со кои разговараме за очекувањата од Законот, дали ќе има доволно квалитетни кадри за да се применува, кои се областите во кои е најитна потребата од интервенција, кога и како ќе се носи национална стратегија, треба ли јазикот да се врати како задолжителен предмет на нематичните факултети, зошто никако да се најде достоинствено решение за лекторите по македонски јазик во странство…
Емисијата се емитува од 21:15 часот на МРТ 1.