Според неа, македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата
Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме и обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ова е пораката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја упати по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
„Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите“,
пишува таа.

Според неа, заштитата на македонскиот јазик е наша висока должност и завет, како и дека главните пораки што на овој ден се праќаат е „Додека нè има, ќе го има и него, јазикот наш насушен“.
„Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски ниту да бидеме негови мисионери“,
се вели во пораката на претседателката.
Македонскиот јазик, како што посочува, ни е духовна храна, важна и потребна колку мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона.
„Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европксата и во океанот на светската цивилизација. Близнак на народниот дух, македонскиот народ битисувал во лоши и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици. Плачел, шепотел, пеел, играл им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал“,
кажа таа.
Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, светите Кирил и Методиј, додава претседателката, личности кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост не само нас, туку и сиот словенски свет.
Во пораката потсетува дека јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука.
Потоа посочува и дека средновековната писменост и култура сведочат за континуиран развој на македонскиот јазик. Пробивот на народниот македонски јазик од ракописите од 16 век до преродбата во 19 век е значајна етапа во неговата историја.
„Со и низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растеше идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност, а расцвета со аргументираната научна кодификација на великанот Крсте Мисирков во делото ‘За македонцките работи’. Повеќевековниот развој на македонскиот јазик доживеа законска кодификација во 1945 година, чин на крунисување на вековните стремежи на Македонците. Да укажам, по којзнае кој пат, дека може да се кодифицира само нешто што постои. Не се измислува јазик. Кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку: Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година. Така се остварија вековните идеали и стремежи да се изразуваме на македонски литературен јазик, да учиме и да се образуваме на македонски јазик, да имаме свој македонски литературен јазик, стои во пораката“,
вели таа.
Претседателката посочува и дека по кодификацијата во 1945 година следуваше објавувањето на капиталните дела од науката за јазикот, како Граматиката, Историјата на македонскиот јазик, Речникот на македонски јазик, со што јазичниот процес се заокружи во јазичен систем и во јазична целина.
„Уште еднаш да потврдам и да потенцирам дека влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален. Мора да го споменеме и исклучителниот придонес на Круме Кепески, но и на плејада домашни и странски македонисти, филолози и лингвисти, чии камења во темелите и во ѕидовите на македонистиката, од неа направија цврста куќа! Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот“,
пишува во нејзината порака.
Според неа, македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата.
„Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, вградена е нашата сушност и посебност, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината. На македонски сè уште шепоти пирејот, на македонски зборува непокорот, со македонскиот се мечтае за ‘белите мугри‘, на македонски е навезена ‘Везилка‘ и напишана едната и единствена македонска приказна, повеќе тажна, одошто весела. Јазикот, македонскиот ни јазик, е наша молитва, наша поезија, наша драма, наш еп, наш роман – река. Со македонскиот јазик градиме мостови меѓу културите, преминуваме пречки, се разбираме. Преку јазикот го креираме системот на вредности како култура на дијалог, соработка, хуманизам, човекољубие, миротворство и космополитизам, оти нам преку речта, како на Рацина: ‘куќа цел свет братски ни е‘. Нашиот македонски јазик е мисија на сите нас: државните органи, институциите, образовниот систем, академската, научната и општествената заедница, граѓаните, индивидуите, луѓето“,
вели Сиљановска-Давкова.
Посочува и дека денеска, на Денот на македонскиот стандарден јазик го чествуваме и јубилејот од 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, па затоа не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик.
Претседателката ги цитира познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј во неговиот „Водич на словенски јазици“ во 1951 година: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.